• сабота, 23 ноември 2024

Промовирана „Книга за Петре“, македонските писатели му искажуваат почит на Петре М. Андреевски, ставајќи го во своите раскази

Промовирана „Книга за Петре“, македонските писатели му искажуваат почит на Петре М. Андреевски, ставајќи го во своите раскази

Скопје, 25 јуни 2024 (МИА) - И да не ни оставеше ништо друго, освен бисерот на светската љубовна лирика „Дениција“ и мета историскиот роман „Пиреј“, Петре Андреевски ќе останеше гениј во нашата книжевност. Тој отсекогаш го гледаше она што се одигруваше околу него како дете што го гледа светот низ шарена џамлија. Беше многу строг, дури и кон себе, велејќи дека нивото е она што е важно, беше посочено денеска за време на промоцијата на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“, која е објавена во чест на 90 години од раѓањето на овој македонски поет и раскажувач.

Книгата содржи 19 раскази инспирирани од ликот и делото на Андреевски. Сликата на корицата, како и илустрациите на страниците, се дело на познатиот сликар Сергеј Андреевски, кој е син Петре М. Андреевски. Промоцијата се одржа во просториите на МАНУ. 

Според авторката Оливера Ќорвезироска, раскажувачкото време на оваа книга опфаќа шест децении континуирана читателска, но и творечка почит кон великанот на македонската реч. 

- Токму денес, на 25 јуни, се навршуваат 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски. Ние се решивме да го одбележиме книжевното писмо со книжевно писмо, раскажувањето со раскажување, македонското слово со македонско слово. „Книга за Петре“ суштински и со својот поднаслов ги слави сите лица на расказот, како што Андреевски ги слави сите лица на смртта во последната збирка раскази објавена за време на неговиот живот, рече Ќорвезироска.

Како што информираше, автори на прозните посвети во „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ се еминентни македонски автори како Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети.

- Сите 19 раскази повеќе или помалку, повидливо или поневидливо, се поврзани со конкретни зборови, романи, раскази или песни на Петре, рече Ќорвезироска.

Авторот Влада Урошевиќ на денешната промоција рече дека 90 години по раѓањето на Петре М. Андреевски, македонските писатели низ оваа книга му ја искажуваат својата почит, ставајќи го во своите раскази.

-Ми се чини дека малкумина од овие автори го знаеле Петре. Некои некогаш го виделе од далеку, а можеби се најбројни оние кои го знаат само по неговите книги. Јас сум, по волјата на судбината, тука еден од ретките што може да рече дека бил пријател со него. Еден од оние што седеле наспроти него, зборувале со него, се согласувале или не се согласувале, се смееле или се карале, го гледале Петрета во очи. Кога веќе ги спомнав очите, можам да кажам дека Петре беше бележан од природата, или од боговите. Неговата исклучителност имаше и своја телесна потврда, рече Урошевиќ.

Тој додаде дека оние што седеле наспроти Петре М. Андреевски, можеле да забележат на неговото лице една ретка појава која офтамолозите ја нарекуваат хетерохромија. Како што посочи, едното око му било кафеаво, другото зелено.

- Метафорично речено, она што тој го гледаше и го пренесуваше во својата поезија, во својата проза, се вееше како виножито или го мамеше видот, како некакво подземно езеро на еден чудесен начин, различен од оној што му се продава на обичниот поглед. Тој така отсекогаш го гледаше она што се одигруваше околу него, како дете што го гледа светот низ шарена џамлија, додаде Урошевиќ.

Авторот Венко Андоновски посочи дека Петре бил многу строг, дури и кон себе, велејќи дека нивото е важно.

-Напишав четири реченици за Петре, како што ми побара мојот издавач. Тие четири реченици набрзина напишани, се можеби најубавото нешто што сум го напишал за Петре. Тие четири реченици гласат вака - „И да не ни оставеше ништо друго, освен бисерот на светската љубовна лирика Дениција, и  мета историскиот роман „Пиреј“, Петре Андреевски ќе останеше гениј во нашата книжевност“, рече Андоновски.

Андоновски подвлече дека Петре М. Андреевски ни остави „лакримариј полн со љубовни, патриотски, љубовни солзи од мастило, за да се вежбаме и да израснеме во она што треба да бидеме, а тоа е секој да има свој авторски глас“.

Говорејќи за „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“, Андоновски потенцираше дека книгата е брилијантна, убава, богата и топла. бт/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан