• среда, 18 декември 2024

Приведен криумчар на мигранти од Скопје

Приведен криумчар на мигранти од Скопје

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - На железничкиот премин на регионалниот пат село Миравци-село Давидово, Гевгелиско, вчера околу 17.00 часот полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица при Регионалниот центар за гранични работи Југ, го лишиле од слобода П.Р.(40) од Скопје затоа што во возило „опел вектра“ со скопски регистарски ознаки превезувал шест лица мигранти од Сирија.

Претходно, на клучка Гевгелија на автопатот А1, полициски службеници дале знак за запирање, но, како што денеска информираа од МВР, возилото продолжило со движење и се исклучило на регионалниот пат с.Миравци-с.Давидово, каде што удрило во столб, по што застанало. При преглед во возилото биле пронајдени мигрантите, а возачот П.Р. бил фатен и лишен од слобода.

Лицето било задржано во полициска станица, а мигрантите биле предадени во Прифатниот центар за странци во Скопје. За настанот, информираа од МВР, бил известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот, против П.Р. ќе биде поднесена соодветна пријава. цр/са/

Фото: МВР - МИА архива

Остани поврзан