• вторник, 02 јули 2024

Претстава „Хајди“, концерт на хорски солисти и фотоизложба вечер на „Скопско лето“

Претстава „Хајди“, концерт на хорски солисти и фотоизложба вечер на „Скопско лето“

Скопје, 2 јули 2024 (МИА) - На програмата на „Скопско лето“ вечер ќе има три настани - претставата за деца „Хајди“ на Театарот за деца и младинци, концерт на Националната опера и балет и фотоизложба во Младинскиот културен центар.

Претставата „Хајди“ ќе биде изведена од 19 часот во Театарот за деца и младинци и е наменета за деца над шест години. Работена е според романот на Јохана Шпири, во режија на Драгана Гунин и драматизација на Драгана Лукан-Николоски. 

Во претставата учествуваат Ангела Димитрова, Петар Стојанов, Наташа Петровиќ, Владимир Лазовски, Ана Левајковиќ-Бошков и Изабела Новотни. Музиката е на Ади Имери, костимограф е Елена Вангеловска, сценограф - Кирил Василев. 

Од 20.30 часот пред Националната опера и балет ќе се одржи концерт на хорски солисти на Националната опера и балет, со учество на Денис Димовски, Билјана Бајевска, Катерина Весковска, Марија Наумовска, Виктор Битовски, Никола Чедомировски, Мила Николовска и Надежда Рубен, во придружба на пијанистката Елена Сиљаноска.

Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, организатор на „Скопско лето“, напоменува дека во случај на дожд и невреме, концертот ќе се одржи во фоајето на Националната опера и балет. Влезот е слободен.

Со почеток во 20.30 часот во Младинскиот културен центар, пак, во рамки на летниот скопски фестивал, ќе биде отворена фотоизложба на Бобан Китановски насловена „30 моменти македонска убавина“. хс/бак/

Фото: „Скопско лето“ 

 

 

Остани поврзан