• петок, 22 ноември 2024

Министерот Љутков го отвори 19. фестивал „Македонско културно лето“ во Пустец

Министерот Љутков го отвори 19. фестивал „Македонско културно лето“ во Пустец

Скопје, 2 јули 2024 (МИА) - Во селото Глобочани во општина Пустец во Албанија, вчеравечер е отворено 19-тото издание на фестивалот „Македонско културно лето“. Фестивалот го отвори министерот за култура и туризам Зоран Љутков во музејот посветен на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе.

Како што соопшти Министерството, Љутков во обраќањето истакна дека фестивалот на дело потврдува дека културата и јазикот што го зборуваме се поголеми и позначајни од границите што нè одделуваат.

– Денеска преку уметноста, литературата, музиката и сите други форми на културен израз, ги споделуваме креативноста и талентот на македонските уметници, одржувајќи го континуитетот во развојот и промоцијата на македонската култура меѓу сите жители во овој дел на Преспа. Токму преку културата, преку секоја слика и збор, ги уриваме границите и ги засилуваме врските со нашинците – рече Љутков.

Тој додаде дека е ова „уште една потврда за грижата за македонското малцинство во Албанија и за посветеноста на Владата и на Министерството за култура и туризам за негување на македонската култура, идентитет и традиција во овој прекуграничен регион, претворајќи го во значајна дестинација за културен туризам“.

-Министерот Љутков изрази благодарност до организаторите – Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“ и Едмонд Сотир, до градоначалникот Колефски, до уметниците и до сите оние, како што рече, што со своето присуство придонесуваат овој фестивал да биде вистинско културно доживување, наведува Министерството во соопштението. 

Фестивалот е отворен со изложба на дела од академскиот скулптор Синиша Новески и промоција на книгата „Македонското традиционално пеење во Мала Преспа, Гора и Голобрдо“ од авторката Андријана Јаневска.

Во рамките на фестивалот, кој ќе трае до 6 јуни, ќе бидат изведени три претстави и една претстава за деца.

Фестивалот го организира Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“ со цел заштита, развој и промоција на македонската култура кај македонскиот народ во Албанија. хс/цр

Фото: Министерство за култура и туризам 

Остани поврзан