• вторник, 05 ноември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната данска амбасадорка Перниле Деилер Кардел

Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната данска амбасадорка Перниле Деилер Кардел

Скопје, 31 октомври 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на Перниле Деилер Кардел, новоименуваната амбасадорка на Кралството Данска, со седиште во Белград.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, истакнала дека од 1993 година двете земји во континуитет градат пријателски и партнерски односи кои се рефлектираат преку високо ниво на политички дијалог и меѓусебна соработка, при што посочила дека постои неискористен потенцијал и простор за дополнителен развој, посебно во економските и трговските односи.

Претседателката во своето обраќање потсетила на инволвираноста на Данска во критичните моменти од македонската историја, почнувајќи од прогласувањето на независноста и придонесот на поранешниот дански министер за надворешни работи, Уфе Елеман Јенсен, па сè до ратификацијата на пристапниот протокол на нашата држава во НАТО, кога Данска беше меѓу првите земји членки што тоа го направија.

-Дозволете да изразам огромна благодарност за важната поддршка од Кралството Данска за нашите евроинтеграции. Очекувам нејзино продолжување со несмалено темпо и за време на вашето претседавање со Советот на Европската Унија во втората половина на 2025 година, порачала претседателката Сиљановска Давкова.

Амбасадорката Деилер Кардел посочила дека и претставува огромна чест што ги предава акредитивните писма со кои е акредитирана за амбасадор на Кралството Данска и истакнала дека со голем интерес ќе го следи нашиот пат кон членство во Европската Унија.

Претседателката Сиљановска Давкова на новоименуваната данска амбасадорка и посакала успешно извршување на оваа ценета и одговорна функција и многу успех и добро здравје во извршувањето на амбасадорската мисија. дма/са/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова 

Остани поврзан