• сабота, 23 ноември 2024

Преку Форум во заедниците граѓаните на Берово ќе предлагаат проекти за реализација за 2025 година

Преку Форум во заедниците граѓаните на Берово ќе предлагаат проекти за реализација за 2025 година

Берово, 7 ноември 2024 (МИА) - Општина Берово и годинава ќе организира Форум во заедницата на кој граѓаните ќе да предлагаат приоритетни проекти за реализација од Општинскиот буџет за 2025 година. За таа цел денес градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски излезе со соопштение во кое ги поканува граѓаните активно да земат учество во креирањето одлуки на локално ниво.

-Општина Берово ги поканува сите заинтересирани граѓани, преставници на Здруженија на граѓани, претставници од приватниот сектор, образовни и други институции, да учествуваат на Проектен Форум. Истиот се организира и спроведува од страна на Општина Берово, на ден 11.11.2024 година  (понеделник) во големата сала во општинската зграда, со почеток во 12.00 часот, се вели во соопштението од градоначалникот Пекевски.

Форумот, како што додаде тој, е алатка за учество на граѓаните во подготовка и избор на приоритетни проекти, со цел зголемување на транспарентноста и учеството на граѓаните во процесот на донесување на одлуки на локално ниво.

-На форумските сесии присутните преку своето учество ќе имаат можност да се запознаат со реализацијата на општинскиот буџет за тековната 2024 година, да дискутираат и предлагаат проекти за планирање на буџетот за 2025 година, додаде Пекевски.

Проектниот форум како што посочи има за цел преку дебатирање да биде основа за креирање на конкретни предлог решенија и проекти  за приоритетите и проблемите на граѓаните. вс/ 


Фото: Општина Берово 

Остани поврзан