• четврток, 19 декември 2024

Преку подобрување на националната легислатива до мерки против стратешките тужби против учество на јавноста

Преку подобрување на националната легислатива до мерки против стратешките тужби против учество на јавноста

Скопје, 17 април 2024 (МИА) - Заштита на слободата на изразување, безбедност на новинарите и менување на менталитетот на функционерите кои поднесуваат тужби против новинари се дел од препораките од тематската дискусија „Поддршка за новинарскиот интегритет: Заштита на новинар(к)ите и медиумските актери во Северна Македонија “.

Една од главните точки на дискусијата се стратешките тужби против учество на јавноста, кои функционерите најчесто ги користат да вршат притисок врз новинарите. Според учесниците, подобрувањето на националната легислатива треба да даде мерки против овие тужби.

Во изјава за медиуми пред дискусијата, Алина Татаренко, раководителка на Оддел за соработка и градење капацитети на тема слобода на изразување при Советот на Европа, ја нагласи важноста на слободата на израз и на безбедноста на новинарите, бидејќи, како што рече, тие се еден од најважните принципи за демократија.

- Многу е важно за нас, бидејќи демократијата, човековите права и владеењето на правото се главните вредности на Советот на Европа. Изминатата година имавме Самит на кој беше потпишана декларација со основните принципи на демократија каде што слободата на изразување беше еден од главните принципи. Го имаме и Членот 10 од Европската конвенција за човекови права која сега ги заштитува слободата на израз. Исто така, новинарите мора да бидат заштитени. Должност на Владата е да осигура дека новинарите може да ја вршат својата работа, бидејќи без нив немаме демократија, рече таа.

Во однос на ситуацијата во земјава, таа рече дека генералната состојба е подобрена, но, дополни дека тоа не значи дека треба да запреме тука.

- Преку проектот препорачуваме да се зголемат капацитетите за новинарите, правните професионалци, но, и за правните советници за тоа како можеме да ја подобриме националната легислатива и да ги вметнеме мерките против стратешките тужби против учество на јавноста (slapp suit), дополни таа.

Драган Секуловски, извршен директор на Здружение на новинарите на Македонија, потенцираше дека ова е важен настан бидејќи претставува доказ дека важните политички организации кои што посветуваат внимание на безбедноста на новинарите даваат фокус на една важна тема за правата на новинарите.

- Тоа се оние „slapp“ тужби кои што служат не за да се добие правда, туку да се малтретираат емоционално, психички и физички медиумските работници, оние кои што се критични. Овој тип на настани ја крева свеста за штетното влијание на овој тип на тужби со цел да знаеме како да ги превенираме, меѓутоа и како да ги спречиме, рече тој.

Во однос на прашањето каква е ситуацијата со овие тужби во нашата држава, тој рече дека има помалку тужби споредено со земјите од Западен Балкан.

- Меѓутоа, кај нас, иако бројот е мал, сепак, сериозноста на тие тужби не е добра, од причина што станува збор за тужби покренати од политичари, носители на јавна функција, пратеници. И фактот дека самите политички чинители се осмелуваат да тужат новинари говори дека нема толеранција кога станува збор за критика искажана во јавниот етер. На тој начин ние треба да делуваме кон менување на менталитетот на оние што ги поднесуваат тие тужби. Бидејќи, на еден начин, кога некој сака да биде изложен во јавноста, мора да биде свесен дека ќе биде предмет на критика од страна на новинарите, доколку не си ја врши својата работа како што треба, посочи тој.

Тематска дискусија „Поддршка за новинарскиот интегритет: Заштита на новинар(к)ите и медиумските актери во Северна Македонија “ е во рамките на проектот „Заштита на слободата на изразување и на слободата на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“ во организација на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје заедно со Здружението на новинари на Македонија. ар/ац/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан