Првпат голема изложба во Кунстхале Виена со дела од колекција на Музејот на современата уметност - Скопје
- Од вкупната уметничката колекција на МСУ, што брои над 5.500 дела, во Виена ќе бидат изложени 94 и околу 50 од современите уметници, вклучени во овој проект.
Скопје, 22 март 2023 (МИА) - Во престижниот простор на Кунстхале Виена (Kunsthalle Wien Museumsquartier), дел од Музеум Квартиер, еден од најголемите европски културни центри, на 20 април ќе биде отворена изложбата „No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“, информираат од Музејот на современата уметност - Скопје.
За првпат во Виена ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност - Скопје. Ова големо претставување е резултат на соработката помеѓу двете уметнички институции МСУ – Скопје и Кунстхале Виена. Изложбата е курирана од уметничките директори на Кунстхале Виена, кураторскиот колектив What, How & for Who (WHW) - Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ. Кураторките поканија четворица меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со што ќе воспостават дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност, се наведува во соопштението.
Од вкупната уметничката колекција на МСУ, што брои над 5.500 дела, во Виена ќе бидат изложени 94 и околу 50 од современите уметници, вклучени во овој проект.
- Соработката на МСУ со Кунстхале Виена е досега најкомплексниот проект за нашиот музеј. Ова претставување, не е само проект на МСУ, туку настан од национален интерес за нашата земја. Не само поради тоа што ќе бидат изложени голем број дела од нашата колекција, туку и заради фактот што делата ќе можат да се погледнат во еден посетен простор, каков што е Кунстхале, во центарот на музејскиот кварт во туристичка Виена. Оваа сложена операција нè охрабрува да планираме уште поамбициозни проекти и соработка со други партнерски институции низ Европа. Нè радува што изложбата во Виена, уште неотворена, веќе буди толку голем интерес, што можеби веќе следната година ќе гостува и во Прага, посочува Мира Гаќина, директорка на МСУ - Скопје, во писмената изјава.
Концептот и насловот на изложбата, кураторките тесно го поврзуваат со тоа како се градеше уметничката колекција на МСУ.
- По катастрофалниот земјотрес во 1963 година во Скопје, покрај големата материјална штета и многуте човечки жртви, Обединетите Нации и Меѓународната асоцијација на уметници, сметаа дека и културата е клучна алка во подигнувањето на духот на скопјани. Затоа, иницираа повик до светски познатите уметници да донираат дела. Бројните донации на уметнички дела направија МСУ да стане симбол на солидарноста, која денес е трајна вредност во колективната меморија на македонската јавност, се истакнува во соопштението.
Како што се појаснува, „дел од изложбата ќе содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и архивата на МСУ. Тоа значи дека во една од европските метрополи и најпознати уметнички центри ќе бидат афирмирани и драгоцената збирка на МСУ и градот Скопје. На изложбата ќе бидат претставени и пет архитектонски макети на постземјотресно Скопје, дел од збирката на Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков“.
Изложбата во Кунстхале Виена ќе биде отворена до 28 јануари 2024 година. бд/дма/
ФОТО: Музеј на современа уметност - Скопје