• недела, 22 декември 2024

Ѓорѓиевски, Трипуновски и Костадинов разговараа за изнаоѓање заеднички решенија за проблемите на струмичани 

Ѓорѓиевски, Трипуновски и Костадинов разговараа за изнаоѓање заеднички решенија за проблемите на струмичани 

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Проблемите на струмичани и изнаоѓање на заеднички решенија за нивно решавање, беа тема на разговор на денешната средба меѓу претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски и градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов, што се одржа во просториите на ЗЕЛС. На состанокот, како што информираат од Општина Кисела Вода, се усвоија неколку заклучоци, а Ѓорѓиевски истакна дека ЗЕЛС е обединет и додека е тој претседател, сите проблеми ќе се решаваат на заедничка маса.

-Со добра волја и на заедничка маса, да дојдеме до заедничко и прифатливо решение за сите, беше нотирано денеска на средбата во просториите на ЗЕЛС, која ја одржавме заедно со министерот Цветан Трипуновски и колегата Костадинов од Струмица. Со разговор секогаш се доаѓа до целта, па така оваа плодна средба ќе вроди со плод, бидејќи веќе ги зацртавме правците на траекторијата за трајно решавање на проблемите на граѓаните од Струмица, изјави Ѓорѓиевски по средбата.

Кај мене, додаде, не постои поделба по ниту една основа и ќе бидам медијатор во решавање на сите процеси.

-Политика мора да стои настрана, граѓаните се приоритет, потенцира Ѓорѓиевски.

На состанокот, како што кажа, се договориле да се формира комисија од повеќе научни институции за следење на фактичка состојба на браната Турија и причините за неодамнешното појавување на манган во водата.

-Долгот кој што го има општина Струмица спрема АД „Водостопанство“ ќе биде сервисиран согласно утврдена динамика, а АД „Водостопанство“ ќе ги извршува сервисирањата и услугите од својата надлежност. Дискутиравме за квалитетот на водата која што во моментов според надлежните институции е исправна и чиста за пиење. Драго ми е и што колегата Костадинов го промени својот став и ЗЕЛС останува обединет, посочи Ѓорѓиевски.

Од сега па натаму, додека јас сум претседател на ЗЕЛС, рече, проблемите ќе се решаваат на маса, а комуникацијата помеѓу институциите ќе биде на највисоко ниво. вј/нд/

Фото: Општина Кисела Вода

 

Остани поврзан