• понеделник, 23 декември 2024

Пратеникот Јаревски на виртуелен состанок посветен на Единствениот дигитален пазар на ЕУ

Пратеникот Јаревски на виртуелен состанок посветен на Единствениот дигитален пазар на ЕУ

Скопје, 19 јули 2023 (МИА) - Пратеникот Тони Јаревски, член на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија учествуваше на виртуелен состанок посветен на Единствениот дигитален пазар на ЕУ- Можности за земјите кандидати за ЕУ во организација на Комисијата за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите на Европскиот Парламент.

Како што информира собраниската прес-служба, на состанокот, покрај Јаревски, учествуваа и пратеници од Европскиот Парламент и пратеници од националните парламенти на земјите кандидати за членство во Европската Унија.

Состанокот беше поделен во две сесии: Првата беше посветена на дигиталниот единствен пазар во светло на прописите за дигитален пазар и дигитални услуги и нивното влијание надвор од границите на ЕУ; втората сесија беше посветена на електронските услуги кои ги нудат владите во насока на забрзување на дигиталните јавни услуги за поддршка на функционирање на единствениот пазар.

Во однос на првата сесија, пратеници од Европскиот Парламент истакнаа дека прописите за дигитален пазар и дигитални услуги претставуваат нова регулатива кои се усвоени од Европскиот Парламент во ноември 2022 година и истите во целост ќе стапат во сила на почетокот од 2024 година. Целта на двата прописи е да се овозможи искористување на поволностите кои ги нудат дигиталните услуги и да се поттикнат граѓаните да ги користат овие услуги се повеќе во наредниот период. Исто така, со нив се очекува да се спречи електронската трговија на нелегални содржини, заштита од злоупотреба на малолетниците при електронското рекламирање како и забрана на електронско рекламирање кое може да поттикне омраза врз основа на раса, пол, религија или на националност. Со прописот за дигитален пазар ќе бидат опфатени интернет провајдерите и платформи кои имаат најмалку 45 милиони месечни активни крајни корисници и најмалку 10 илјади годишни активни бизнис корисници кои се лоцирани во ЕУ.

Од страна на пратениците на националните парламенти на земјите кандидати за членство во ЕУ беа презентирани постигнувањата и искуствата во делот на нивото на дигитализација во нивните земји. Тие информираа за потребните измени во законската регулатива и акциски планови кои биле спроведени за транспонирање на европското законодавство. Заеднички став беше потребата од поголемо користење на електронските услуги имајќи ги предвид погодностите кои нудат за граѓаните и приватниот бизнис.

 Пратеникот Тони Јаревски се обрати во делот на електронските услуги кои ги нудат владите во насока на забрзување на дигиталните јавни услуги за поддршка на функционирање на единствениот пазар. Во своето излагање, тој посочи на ажурираната верзија на Националниот портал за електронски услуги. Со порталот на граѓаните им се овозможува брз и лесен пристап до информации за јавните услуги од надлежните органи и државни субјекти. Станува збор за стотици видови на електронски услуги чиј број постојано се зголемува кои ги нудат повеќе од 1.200 институции. Како примери за електронски услуги беа претставени Електронскиот

систем за јавни набавки кој го спроведува Бирото за јавни набавки при спроведување на тендерските постапки кои ги водат државните институции. Преку користење на системот Е-Урбанизам кој почна да се користи од 2013 година и е надградуван се овозможи драстично намалување на роковите за добивање на дозволи. Исто така, електронските услуги се користат при доделување на концесија за детални геолошки истражувања која се доделува врз основа на јавен повик со спроведување на електронска аукција.

Овој сегмент треба постојано да се надградува и потребни се значителни инвестиции за зголемување на нивото на дигитализација во општеството и зголемување на свесноста на населението за предностите кои ги нуди дигитализацијата. Иако сите се свесни дека државата и актуелната власт има сериозен проблем со корупцијата и владеењето на правото и дека дигитализацијата и електронските услуги овозможуваат транспарентност и поголема ефикасност, за жал, се уште постојат примери за постапки за кои е потребно издавање на потребни документи во хартиена форма за кои граѓаните и фирмите чекаат по шалтери во различни институции. Како пример кон који треба да се стремат земјите кандидати за влез во ЕУ беше посочена Естонија, една од водечките земји во рамките на ЕУ во нудењето на електронски услуги за граѓаните и приватните бизниси.

Пратеникот Тони Јаревски информирше и за неодамна постигнатиот договор во Брисел на земјите од Западен Балкан за приклучување на програмата за дигитална Европа. Вкупниот планиран Буџет на оваа Програма е 7,5 милијарди евра и се очекува преку инвестирање во дигитална технологија и инфраструктура да се стимулираат иновации, да се зголеми продуктивноста и да се создадат нови деловни можности. Покрај поддршката за развојот на малите и средни претпријатија, Програмата се фокусира и на дигитализација на јавната администрација со што ќе се создадат услови за овозможување на ефикасни електронски услуги за граѓаните и за бизнис секторот. Учеството во оваа Програма, на Република Македонија и дава пристап до широка мрежа на европски партнери, вклучувајќи бизниси, истражувачки институции и јавна администрација. мч/са/

Остани поврзан