• петок, 17 мај 2024

Почна поставувањето на урбана опрема во стариот градски парк во Куманово

Почна поставувањето на урбана опрема во стариот градски парк во Куманово

Куманово, 29 ноември 2023 (МИА) - Почна уредувањето со урбана опрема во стариот градски парк во Куманово, информираа денеска надлежните од општината.

- Во тек е поставување на урбана опрема (клупи и канти за смет) на новоизградената пешачка патека на кејот на река Липковка кај стариот градски парк, информираше градоначалникот, Максим Димитриевски.

Иста урбана опрема беше поставена и на кејот, бидејќи претходно вандали ги уништуваа дрвените клупи.

Претходно заврши изградбата на пешачка патека во стариот градски парк во Куманово. Патеката поминува покрај реката Липковка непосредно до паркот. Уредување беше дел од втората фаза на реконструкција на овој парк за што од општинскиот буџет одвоени се скоро четири милиони денари. На тендерот беше избрана компанија од Скопје.

Во февруари годинава, заврши првата фаза од проектот која опфати реконструкција на патеките, изградба на паркинг простор и игралиште за кошарка. За првата фаза со одлука на Влада од буџетот на РСМ одвоени беа 11.226.061 денари за изградба на паркот. Проектот се имплементираше преку североисточен плански регион.

Граѓаните се жалат дека недостигаат зелени површини во градот. И двата парка тековно се реконструираат. Претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска кажа дека санацијата оди етапно.

-Навистина се одолговлече реконструкцијата на стариот градски парк. И таму се предвидени интересни содржини, има нов асфалт, пешачки патеки, набавена е нова опрема канделабри и клупи, кажа Ѓорѓиевска.

Стариот градски парк во Куманово сместен покрај течението на Липковка во минатото бил култно место за рекреација на старите кумановци. Извесен период градскиот парк беше запуштен и многу ретко граѓаните се релаксираа во него. Паркот се простира на површина од 38 илјади квадратни метри. Според податоците на ЈП „Чистота и Зеленило“ во паркот има над 370 дрвја претежно листопадни, јасен, тополи, липа, диви костени. Асфалтната површина во паркот зафаќа околу 5,5 илјади метри квадратни. ам/свс/


Фото: Општина Куманово

Остани поврзан