• петок, 22 ноември 2024

Потпишан Меморандум за разбирање за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје

Потпишан Меморандум за разбирање за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје

Скопје, 26 август 2024 (МИА) - Градот Скопје и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) потпишаа Меморандум за разбирање со цел заедничка имплементација на дополнителни активности со цел подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје, информираат денеска од Град Скопје. 

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на церемонијата на потпишувањето го истакнала значењето на проектот на ЕУ за чист воздух, кој го спроведува УНОПС со поддршка од Европската Унија.

-Како резултат на проектот ЕУ за чист воздух, за Град Скопје обезбедуваме шест еколошки CNG автобуси, ќе се подигнат урбани зелени појаси со над 3000 дрвја, меѓу кои и во започнатиот Мега парк во Карпош со засадување на нови 1.000 дрвја и ќе се изработи Физибилити студија за проширување на тополоводната мрежа во Скопје со што делуваме кон крајната цел подобрување на квалитетот на воздухот во Македонија, истакнала градоначалничката Арсовска.

Градот Скопје е првата единица на локална самоуправа со која УНОПС потпиша Меморандум за разбирање во рамките на проектот ЕУ за чист воздух, кој во три години обезбедува 10 милиони евра од страна на Европската Унија преку Инструментот за претпристапна поддршка.

-Благодарни сме на силната поддршка од ЕУ за оваа иницијатива. Целта на соработката со Град Скопје е подобрување на квалитетот на воздухот преку намалување на PM 2,5 и PM 10 емисиите. Покрај Скопје, УНОПС ќе испорача поддршка и за Куманово, Тетово и Битола, истакнала претставничката на УНОПС, Микела Телатин.

Проектот ЕУ за чист воздух предвидува транзиција на 70 јавни згради од загревање со екстра лесно масло кон извори на чиста енергија во Скопје, Куманово, Битола и Тетово, набавка на шест еколошки CNG автобуси за Градот Скопје, воспоставување урбани зелени појаси со 6.000 дрвја во четирите градови, изработка на Физибилити студија за проширување на системот за топлинска енергија во Скопје и надградба на станиците за следење на квалитетот на воздух со нова опрема. сст/ев/

фото Град Скопје

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан