• петок, 26 јули 2024

Полскиот претседател ја свика првата седница на новоизбраниот Парламент за 13 ноември

Полскиот претседател ја свика првата седница на новоизбраниот Парламент за 13 ноември

Варшава, 26 октомври 2023 (МИА) - Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска соопшти дека ја свикува првата седница на новоизбраниот парламент на земјата за 13 ноември.

Со овој чекор Дуда го отвора патот за процедурата што ќе доведе до формирање на нова Влада по парламентарните избори во Полска на 15 октомври. Шефот на државата треба да ја објави и номинацијата за нов премиер, но рече дека подоцна ќе донесе одлука за тоа, пренесе БТА.

Дуда објави дека има двајца силни кандидати за функцијата, актуелниот премиер Матеуш Моравјецки и Доналд Туск, поранешен премиер и лидер на опозицискиот блок, кој заедно добива мнозинство од местата во новиот Парламент.

Моравјецки е член на владејачката конзервативна партија Право и правда (ПиС), која освои најмногу места на изборите, но го загуби парламентарното мнозинство и нема доволно пратеници за самостојно да владее. ПиС рече дека се смета себеси за победник на изборите и дека треба да биде првиот што ќе добие мандат да формира кабинет.

Дуда, кој е сојузник на ПиС, прецизираше дека има „два силни кандидати“ и „нова ситуација“ која бара дополнително разгледување.

Полскиот претседател истакна дека уставниот мандат на претходниот парламент истече на 12 ноември и дека не гледа причина да го скрати. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан