• четврток, 01 август 2024

Полска одбележува 80 години од Варшавското востание

Полска одбележува 80 години од Варшавското востание

Варшава, 1 август 2024 (МИА) - Полска денеска ја одбележува 80-годишнината од избувнувањето на Варшавското востание, најголемиот воен бунт на силите на отпорот во Европа по нацистичка окупација и еден од најтрагичните настани во историјата на земјата.

На 1 август 1944 година, во 17 часот, припадниците на полскиот отпор предводени од татковинската армија (Армија Крајова) почнаа вооружено востание во Варшава против нацистичкиот окупатор.

Воената цел беше да се ослободи Варшава од германската окупација пред пристигнувањето на советската Црвена армија за да се спречи создавањето на влада под советска контрола во Полска.

Сепак, востанието беше задушено по 63 дена борби, кои ги чинеа животите на речиси 200.000 Полјаци, повеќето од нив цивили. Останатите половина милион жители на Варшава беа депортирани, а градот беше речиси целосно уништен.

Годишнината се обележува со голем број настани, вклучувајќи миси, концерти и средби со последните преживеани полски борци на отпорот.

Иако востанието на крајот пропадна, полскиот претседател Анджеј Дуда синоќа за време на централната комеморативна церемонија, го нарече „морална основа на полската независност“. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан