Полковникот Коколански ја презеде должноста командант на Командата за обука и доктрини
- Полковникот Васко Коколански денеска на свеченост во велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“ ја презеде својата нова должност - командант на Командата за обука и доктрини (КОД) во Армија
Како што информира Министерството за одбрана, на свеченоста, на која присуствуваа и министерката за одбрана Славјанка Петровска и заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Азим Нуредин, полковникот Коколански истакна дека Командата за обука и доктрини како важен и нераскинлив дел од Армијата ја има улогата на лидер во трансформацијата и приспособувањето на потребите на новото време.
- Командата за обука и доктрини во извршување на својата мисија, во центарот на гравитација го има најважниот дел од Армијата, а тоа е војникот, подофицерот, офицерот цивилното лице, со еден збор, човечкиот фактор во Армијата кој е клучен во операционализација на визиите и стратешките цели на нашите политички и воени лидери како и новиот Концепт на НАТО. Затоа може слободно да кажам дека од исклучителна важност е местото и улогата на Командата за обука и доктрини во современото безбедносно опкружување, рече новиот командант на КОД.
Командата за обука и доктрини ја организира, координира и реализира индивидуалната обука на војници, питомци, подофицери и офицери од активниот и резервниот состав, а служи и како поддршка во колективната обука на командите и единиците на Армијата и развој на доктрините и научените лекции.
Покрај армискиот полигон „Криволак“, во состав на Командата се повеќе центри за обука, меѓу кои и центрите за индивидуална обука, обука на питомци, странски јазици, одгледување и дресура на кучиња, изработка на доктрини и Центарот за симулации. хс/сп/