• четврток, 19 декември 2024

Политико: Зошто говорите на ЕУ се толку досадни

Политико: Зошто говорите на ЕУ се толку досадни

Брисел, 13 септември 2023 (МИА) - Почитувани пратеници... подгответе се за спиење. Сите говори во Европската унија треба да почнат со овие зборови доколку политичарите од бриселскиот круг беа искрени, пишува порталот Политико за говорот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за состојбата на Унијата.

На прашањето зошто највисоките функционери на ЕУ обично предизвикуваат проѕевања наместо одобрување со своите говори, Политико забележува дека првиот предизвик со кој се соочува еден говорник на ЕУ е како да ги заинтересира слушателите за политики што не им се блиски. Ден Собовиц, кој пет години пишуваше говори за комесарот на Европската комисија Марош Шефчович, предупредува на дополнителен предизвик - медијаторите.

 „Европските политичари никогаш нема да се спојат со народот затоа што другите професии, како што се новинарите или влијателите, ги толкуваат политиките од Брисел на национално ниво“, вели Собовиц, унгарско-швајцарско-израелски експерт за комуникации.

„Има ли противотров? Има! Треба да се зборува лично, од себе. Говорникот треба да ги испреплетува политиката (за која се залага) и сопствената личност, сопствената биографија во својот говор“, вели Собовиц.

Рене Брукмеулен, која веќе 25 години пишува говори за холандски политичари и режисери, смета дека типот на говор што е вообичаен во кругот во Брисел е затишје.

„Многу апстрактна тема треба да се направи многу конкретна за да допре до публиката. Истовремено, важно е темата да се зачини со приказни“, советува Брукмулен. Противтежа на популистичката реторика е можна само „ако јасно се каже што навистина прави Европската унија за луѓето и што значи тоа за нивните животи“, додаде таа.

Висок функционер на ЕК, кој сакаше да остане анонимен, бидејќи говореше пред претседателот Фон дер Лајен да одржи говор за состојбата во ЕУ, не сакаше да открие ништо за содржината, но навести. „Таа се подготвува многу интензивно, има приказна која сака да ја пренесе и ќе го направи тоа многу покомплексно од мене“, им рече тој на новинарите.

Винсент Стуер, кој пишуваше говори за поранешниот претседател на ЕК Жозе Мануел Баросо, го објасни концептот на наратив. „Говорот мора да биде една приказна: една личност зборува, еден наратив и едно пенкало што го пишува“, вели Стуер, кој денес работи за политичката група „Обнови Европа“ во Европскиот парламент.

Фон дер Лајен, која пишувањето говори им го доверува на многу мал број советници на кои им верува, користи таква стратегија, рече тој. „Таа се затвора неколку недели со тројца советници и вели: ова е мојата приказна, земете ја или оставете ја. Одлично е за говори, но дали е одлично за Европа е друга работа“, вели Стуер.

„Помалку е повеќе. Доколку им се дозволи на генералните директори на Европската унија да ги вклучат своите забелешки во говорот, тогаш финалниот производ (говорот) ќе биде кичеста елка“, додава Стуер.  

Ужасни европски правници 

Хелен Банер, која напиша говори за двајца претседатели на ЕК во 2019 година - Жан-Клод Јункер и неговиот наследник Фон дер Лајен - објаснува дека е клучно да се проучува биографијата на говорникот за да се развие приказната што ќе ја раскаже. 

„Кога работевте со Јункер, беше навистина важно да се знае кој е тој навистина: што чита, каква поезија сака итн.“, вели таа.

Проблемот со комуникацијата на Европската комисија може да лежи во самата таа институција, вели друг пишувач на говори кој не сака јавно да зборува. Додава дека „повеќето луѓе кои работат во Комисијата се правни професионалци, а адвокатите се страшни комуникатори. Но, адвокатите на ЕУ се уште пострашни“. 

Фактор што отежнува е регулативата на ЕУ според која и најмалата фраза мора да се преведе на 24 официјални јазици. И Јункер и Фон дер Лајен говорат на три јазици, менувајќи се од англиски на француски и германски за време на нивните презентации. Може да се обложите дека дел од публиката нема да може сето тоа да го разбере, додава тој. 

Покрај тоа што е „изгубен во преводот“, тука е и проблемот со адаптацијата бидејќи секој говор мора да биде формулиран на таков начин што ќе биде разбирлив во 27 различни национални политички контексти. „Невозможна мисија е да се направи сè како што треба“, вели Банер. Јазикот што се користи понекогаш е „исклучително внимателен за секој да може да го следи“, објаснува тој. 

„Вештината на зборување е да се биде личен, да се биде специфичен, да се биде убедлив“, вели Банер, кој предава политичка комуникација на Колеџот на Европа во белгискиот универзитетски град Бриж. Вештината е „и да имаш храброст да кажеш помалку“. 

Банер додава и оценка за личноста на претседателот на ЕК. „Не очекувајте да ве насмее“, вели тој. „Нејзе ѝ недостига ироничен хумор, вид на самопонижувачка шега што сакам да ја гледам кај луѓето. Таа нема ниту трошка од тоа. Нејзе ѝ недостигаат малку емоции, грам страст, но добро, таа е Германка и тоа е тешко“, вели холандскиот стручњак. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан