• понеделник, 21 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Политико: ЕУ ќе ги таргетира црвените држави на Трамп со царини за американски камиони, цигари и сладолед

Политико: ЕУ ќе ги таргетира црвените држави на Трамп со царини за американски камиони, цигари и сладолед

Брисел, 9 април 2025 (МИА) – Европската унија креативно ќе одговори на царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп – насочени кон производството во „црвените“ сојузни држави, каде што се неговите најголеми поддржувачи, пишува денеска Политико.

Минатата среда Трамп најави воведување царини за речиси целиот свет, а за ЕУ одреди процент од 20 отсто.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тогаш рече дека алијансата е „подготвена да постигне добар договор“ со САД и предложи „нула царини за индустриските производи“, но за републиканецот опседнат со трговскиот дефицит што САД го имаат со земјите во светот, тоа „не е доволно“.

Тој сака ЕУ да се обврзе да купува енергија во износ „еднаков“ на трговскиот суфицит на Европа со САД. Трамп споменува сума од 350 милијарди долари, иако и американските и европските власти проценуваат дека е значително помал, околу 235,6 и 216,8 милијарди долари.

Политико денеска пишува дека одговорот „можеби ќе биде помалку агресивен од очекуваното, но ќе биде креативен и ќе ги погоди САД таму каде што најмногу ги боли“.

Според „интерен документ“ до кој дошол Политико, Европската комисија планира царини до 25 отсто за американскиот извоз на различни производи во вредност од 22,1 милијарди долари.

Списокот вклучува земјоделски и индустриски производи како што се соја, месо, тутун, железо, челик и алуминиум, кои се особено зависни од трансатлантскиот извоз.

Порталот пишува дека европските „трговци покажаа необична креативност“ и користат „пасивна агресија“ за да и нанесат удар на базата на Трамп.

ЕУ треба денеска да гласа за царините, а потоа тие ќе се применуваат според конкретен календар.

Како пример за оваа „креативност“, американските медиуми ја наведуваат сојата – земјоделски производ кој е економски исклучително важен за републиканските упоришта.

ЕУ би можела да воведе царина од 25 отсто на САД, вториот по големина производител и извозник на соја во светот, од 1 декември.

Околу 82,5 отсто од американската соја доаѓа од Луизијана, родната држава на претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон.

Политико истакнува дека производителите на соја веќе минатиот месец ја критикуваа трговската „воинственост“ на Трамп и го предупредија дека царините не треба да се „сфатат лесно“.

ЕУ исто така е насочена кон говедско месо од Канзас и Небраска, живина од Луизијана, автоделови од Мичиген, цигари од Флорида и производи од дрво од Северна Каролина, Џорџија и Алабама.

ЕК, исто така, ќе воведе царини за сладолед од Аризона, ткаенина од Јужна Каролина, електрични ќебиња од Алабама, вратоврски од Флорида, машини за перење од Висконсин и тестенини од Јужна Каролина, додава Политико.

Порталот заклучува дека трговската војна што ја почна Трамп ќе има „превисока“ цена за Вашингтон и оти контрамерките на Кина, Канада и ЕУ може да загрозат околу 90 милијарди долари американски извоз. јт/

Остани поврзан