Подобро образование и интеграција за економско зајакнување на жените Ромки
- - И секако мојата порака би била што поголема едукација, што поголемо образование на ромската популација, за тоа ќе се залага Владата и поголема конкурентност на пазарот на трудот. Не само како работна сила, туку и како застапници на голем број на битни функции во државата, нагласи Ристески.

Скопје, 14 април 2025 (МИА) - Потребна е подобра едукација и интеграција за економско зајакнување на жените Ромки, беше истакнато денеска на настан за економско зајакнување на жените Ромки во организација на Институт Ромалитико, во соработка со Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Пред почетокот на настанот, Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд, во изјава за медиумите рече дека настанот е многу важен, за решавање на проблемите околу ромската заедница, пред се вработувањата и поголема еманципација и застапеност на ромската жена во системот. Тој истакна дека Министерство за економија и труд и Владата преку активните мерки на самото министерство и пред се на Агенцијата за вработување, имале предвидено мерки за користење од страна на сите граѓани и посебно мерки наменети за ромската популација.
- И секако мојата порака би била што поголема едукација, што поголемо образование на ромската популација, за тоа ќе се залага Владата и поголема конкурентност на пазарот на трудот. Не само како работна сила, туку и како застапници на голем број на битни функции во државата, нагласи Ристески.
Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади, исто така подвлече дека од големо значење е интеграцијата на жените ромки во нашето општество.
-Продолжуваме како Министерство за социјална политика, демографија и млади и во следниот период да даваме максимална поддршка, со преземање на сите оние потребни активности што ги можеме како министерство, додаде Велковски.
Тој најави дека ќе се субвенцинираат одредени активности за вработување на жени Ромки во самиот оперативен план, што, како што појасни и годинава е за неколку милиони денари поголем во однос на минатата година.
Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, на настанот порача дека економското зајакнување на жените Ромки е стремежот на македонската Влада кон европската интеграција.
- Со поддршка преку планот за раст, можеме да создадеме општество кое ќе биде економски силно и социјално праведно, рече таа.
Притоа нагласи дека жените Ромки заслужуваат повеќе и подобро, дека нивниот значителен потенцијал треба да биде препознаен и унапреден кон приоритетите за општо добро. Владата е, рече таа, подготвена да работи на унапредување на правата на заедниците, на правата на жените и заеднички да создаде подобри услови за сите.
- Нашата земја е прва во регионот којашто ќе го добие пред финансирањето предвидено со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Реформската агенда на Македонија е конзистентна со рамката на политиката на ЕУ. Планот за раст претставува значаен чекор кон економски развој и забрзување на нашиот пат кон ЕУ, потенцираше заменик-министерката за европски прашања.
Во контекст на правата на жените Ромки, таа најави дека ова прашање ќе биде хоризонтално поставено во рамки на стратешките документи на нашата земја. Идејата е посебно внимание да се посвети на вклучувањето на жените Ромки во економскиот процес. Потребни се, додаде, мерки за нивно економско зајакнување, како образование и обука, финансии и менторска поддршка за жени Ромки кои сакаат да започнат свој бизнис.
-Според Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2024 година, Македонија постигнала задоволителен напредок на полето на интеграција на Ромите, но се укажува дека предизвиците се уште остануваат во делот на вклученост во редовна настава, децата на улица и сегрегација во училиштата, истакна Трајков.
Ѓултен Мустафова, проектен менаџер на „Надвор од бариерите, резилиентност на Ромите во Западен Балкан", тригодишен проект финансиран од Европска Унија, појасни дека проектот се спроведува во пет земји. Освен кај нас, во Србија, Албанија, Косово и во БиХ. Триесет организации од овие пет земји, ќе работат на заедничко делување на регионално ниво, за унапредување на состојбата на Ромите, зголемено вработување, помалку дискриминација. Во земјава веќе биле склучени меморандуми за соработка, со Бизнис конфедерација и со Организација на работодавачи. бд/ев/
ФОТО и Видео: МИА