• среда, 27 ноември 2024

„Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“ - самостојна изложба на Мирослав Масин во Даут пашин амам

„Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“ - самостојна изложба на Мирослав Масин во Даут пашин амам

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) - Мирослав Масин, еден од најеминентните македонски современи сликари, утревечер во изложбениот простор на Даут пашин амин ќе се претстави со самостојна изложба насловена „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“. Изложбата ја сочинуваат 150 дела од сите фази на творештвото на уметникот работени во различни техники.

Директорката на Националната галерија Дита Старова - Ќерими на денешната прес-конференција ја најави изложбата на, како што рече, извонредниот македонски сликар и еден од ретките боеми кај нас, која ќе биде отворена во рамки на Програмата на Националната галерија.

- Изложбата не е само прослава на уметноста, туку и почит кон креативноста, страста, искреноста, доследноста и визијата на уметникот чии дела оставиле неизбришлива трага на нашата македонска ликовна сцена. Националата галерија низ годините покажа голема грижа за валоризација, ревалоризација и презентација на најзначајните македонски уметници од различни генерации, почнувајќи од најстарите основоположнички генерации па се до автори до денешната средна генерација кои имаат значајни остварувања во нашиот визуелен паноптикум. Мирослав Масин е несомнено еден од нив, рече Старова - Ќерими.

Таа како вљубеник во делата на Масин, со нејзината прва средба со уметникот уште од рана возраст, ја подвлекува палетата на бои во неговите дела, бои кои вели, танцуваат, а имагинацијата нема граници. 

-Уште од своите почетоци Масин иницираше студија за интеракција помеѓу луѓето и природата. Поврзано е и со насловот Подобро на гранка одошто заглавен во лифт, каде како дел од ова истражување тој посвети значително време на набљудување и претставување на птици, мајмуни, риби, но и создаде свои креатури како своевидна комбинација на анимално - човечки специфики. Со овие теми предадени во негов својствен и забавен експресионистички стил, истражува дллабоки егзистенционалн -  социјални прашања како што се потеклото на постоењето, природата на човечките вредности, илузиите, фасцинациите и погледите кои го обликуваат нашиот вид, нагласi директорката на Националната галерија.

Старова - Ќерими ја потенцира и различноста на уметничкиот репертоар на Масин со кој ќе може да се запознае публиката, од мртви природи, портрети до фигуративни фантастични композиции...

- Неговото дело ги надминува границите и зборува универзален јазик кој резонира со сите што го гледаат. Но надвор од платното, наследството на Масин се протега надалеку и на широко. Тој не е само сликар, тој е раскажувач, филозоф и светилник на инспирација за генерациите што доаѓаат. Неговата уметност служи како потсетник на моќта на креативноста да трансформира и да не обедини во нашата заедничка човечност. Оваа изложба ќе биде прослава на извонредното дело на Масин и ќе не поттикне да размислуваме за длабокото влијание што уметноста го има врз нашите животи. Нека оваа изложба не инспирира сите да ја прифатиме убавината што не опкружува, порача Старова - Ќерими.

Уметникот Масин изрази задоволство што може да изложува во еден ваков возбудлив, феноменален простор. Сликарството вели, за него е и работа и хоби, големо задоволство низ кое учиш и се себе спознаваш, оти на светот нема две исти личности.

-Кога ќе се откриеш самиот себе си, тогаш можеш да се наречеш уметник. Јас себе не се викам се уште уметник. Треба да помине барем еден период на проверка од историјата. Ретки се уметници како Пикасо, ете и јас да се ставам  меѓу нив, лажно нескормен. Но тоа е ретко за време на животот на уметникот. Размислувам кога сум сам, но кога ќе се качам во ателјето се е тоа опуштено и секако тука се сите влијнанија до тој ден, влегуваат преку очите, мозокот, срцето и излегуваат преку раката, вели Масин.    

Во подготовката на изложбата со кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска, првично вели не бил сигурен дали ќе ги исполни ѕидовите на изложбениот простор, но, додава, сега има чувство дека можеби има и премногу свои уметнички дела. 

Чанкуловска-Михајловска, пак, се надева дека публиката ќе ужива во овој, како што вели, мал сегмент од богатото творештво на Масин кој годинава бележи четири децении од својата работа.

Изложбата на Мирослав Масин е дел од Програмата на Националната галерија за 2024 година и е финансиски поддржана од Министерството за култура и од компании спонзори.

Изложбата ќе биде отворена до 15 јуни. вг/бак/

Фото: МИА, Национална галерија

Остани поврзан