• вторник, 30 април 2024

Пендаровски: Да не е внатрешната опозиција за 4,5 години ќе ги завршиме сите преговори и ќе станеме полноправна членка на ЕУ

Пендаровски:  Да не е внатрешната опозиција за 4,5 години ќе ги завршиме сите преговори и ќе станеме полноправна членка на ЕУ

Тетово, 13 април 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски се обрати во Тетово на централен митинг од кој побара поддршка за уште еден мандат. Тој посочи дека политичката структура на власт во изминатите седум години има создадено две витални константи на македонската држава, евроатлантските интеграции и меѓуетничкиот соживот, што според него ќе резултираат со членство во Европската унија за неколку години.

-За жал за опструкциите од некои од надвор, меѓутоа најмногу нашата внатрешна политичка опозиција, ја отворивме првата преговарачка конференција за жал застанавме тука. Опозицијата никако да се согласи дека не треба да става сопки на европскиот пат на Македонија и тие две дилеми и тие две опции се присутни и вечерва. Кои се тие две опции-оваа политичка структура која 7,5 години наназад со многу тешкотии, со многу рзмислување со комплетна заштита на македонскиот идентитет и јазик успеваше да ги помине сите препреки на тој пат и да ја внесе малата Македонија во друштво на сите светски колоси. Да не е внатрешната опозиција јас ви гарантирам дека за 4,5 години ќе ги завршиме сите преговори и ќе станеме полноправна членка на ЕУ. Тоа е единствениот пат за развој и единствениот начин да го намалиме иселувањето на младите луѓе најмногу во таа ЕУ. Единствен начин е да дадете поддршка на оваа политичка коалиција, инаку се друго е ризик и враќање назад во темното минато, истакна Стево Пендаровски од Тетово.

Пендаровски му одговори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека веројатно го заменил со неговиот претходник Иванов, откако беше прозван за склучување договор во вилата Водно за нечиво амнестирање.

-Мислам дека на Мицкоски му се привидува нешто. Тој ме заменил со еден што беше пред мене претседател, Ѓорѓе Иванов - тој помилуваше криминалци. Јас криминалци ниту сум помилувал ниту имам намера да помилувам. Нему му е голем страв Груевски да не му се врати од каде што избега, затоа што ако му се врати Груевски се знае кој е правиот газда таму, тој го постави на тоа место каде што е. И постојано обвинуваат дека јас ќе го амнестирам Груевски или преку измени на кривичен закон или не знам како. Дали го гледа некој Груевски во Македонија? Како сум го амнестирал? Груевски е таму кај што беше. Меѓутоа стравот е толку голем и му излегува од очи, да не случајно му се врати Груевски. Значи повторувам – ниту некој пат сум имал намера да амнестирам некого, ниту сум амнестирал, ниту ќе амнестирам. Нека се обрати кај неговиот поранешен претседател Ѓорѓе Иванов, кој патем кажано, е личен пријател со против кандидатката Силјановска Давкова, додаде Пендаровски.

Тој посочи дека му е драго што пред 22 години во Тетово во 2001 година што бил присутен за да се надмине кризата.

-Им објаснував на граѓаните дека единствен начин е да имаме продуктивен соживот, ако успееме да се договориме меѓу себе и ако навистина секој е еднаков во оваа држава. Држава која е заеднички дом на сите во која не смее да има газди и кираџии, 22 години подоцна го гледаме резултатот, рече Пендаровски.

Пред централниот митинг во Тетово, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски се обрати и ја побара поддршката и од жителите на Брвеница.

Истакнувајќи дека во изминатите пет години како претседател се залагал и работел сите етнички заедници да имаат еднакви можности, Пендаровски посочи дека ги почитувал сите граѓани на Македонија и не ги делел без разлика на нивниот пол, возраст, етничка, национална, политичка или партиска припадност или по која било друга основа. ас/ сст/

фото: Медиа Претседател 
 

 
 

 

 

Остани поврзан