Пендаровски ги додели сертификатите на учесниците на втората Школа за политики
- Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска во „Вила Билјана“ во Охрид ги додели сертификатите на учесниците на Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образовани
Скопје, 9 октомври 2022 (МИА) - Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска во „Вила Билјана“ во Охрид ги додели сертификатите на учесниците на Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование, за 2022 година.
Школата се реализираше преку пет едукативни семинари во периодот од март до октомври 2022 година, со учество на еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство. Годинава партиципираа 35 учесници на возраст од 21 до 35 години, избрани на јавен конкурс, врз основа на нивниот интерес за активно учество во општествениот живот, професионалните квалификации и стручните постигнувања.
Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, Пендаровски во своето обраќање изрази задоволство што и оваа, втора генерација, ја потврдува основната цел на Школата да даде придонес во изградбата на демократско, слободно и солидарно општество.
-Уште од првата генерација се одлучивме учесниците на Школата да бидат избирани низ транспарентен и компетитивен процес, врз основа на личните постигнувања и заслуги, но и со почитување на разноликоста на нашето општество. На тој начин имаме можност да ги избереме најквалитетните кандидати, но и да дадеме можност на младите од групите коишто, за жал, се уште важат за општествено маргинализирани. Токму соработката со нив не прави особено горди, рече претседателот Пендаровски, посакувајќи им на учесниците и понатаму да бидат активни чинители во нашиот општествен живот.
Кабинетот на Пендаровски соопшти дека годинашните учесници имаа можност да ги унапредат своите знаења во областа на демократскиот развој на политичкиот систем, функционирањето на правната држава, европската интеграција, регионалната соработка, младинските политики, социоекономскиот развој и економските политики во време на енергетска криза, членството во НАТО и безбедносните закани, како и политичката комуникација во време на дигиталната трансформација, дезинформациските кампањи и лажните вести, како и потребата за поголема транспарентност и внатрешна демократизација на институциите на власта.
Проф. д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование, истакна дека Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование е проект за образование и обука, но пред се платформа за општествен дијалог, кој во време на интензивни поделби и општествени конфликти е повеќе од потребен.
-Нејзината основна задача е да ги поврзе учесниците од различни општествени групи во потрагата кон вредности и политики кои обединуваат и поттикнуваат демократски и социоекономски развој на македонското општество, истакна Спасов.
На свеченоста во името на сите годинашни учесници се обрати Кристина Станковска, која ги сподели импресиите и стекнатите искуства за време на едукативните семинари.
Претходно, Школата за политики за 2022 година беше заокружена со одржувањето на петтиот модул, викендов во Струга.
На официјалното отворање на петтиот модул говореше Владимир Ѓорѓески, раководител на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), по што следуваше панел-дискусија на тема „Процеси на трансформација на конфликти во Западен Балкан. Помирување преку иницијативата на Берлинскиот процес и неговото влијание врз младите во регионот“, што ја водеше Алберт Хани, генерален секретар на RYCO.
На тема „Зошто е важно помирувањето и како значајно да се вклучат сите релевантни чинители во создавањето можности за младите - Фокус на естаблишментот на RYCO“ говореше Кренаре Гаши Красниќи, раководителка на локалната канцеларија на RYCO во Косово, додека на тема „Застапување на млади и значајно младинско учество“ говореше Марија Булат, раководителка на локалната канцеларија на RYCO во Србија.
На тема „Добри примери на значајно младинско учество“ своите искуства ги споделија Александра Јаковческа, претставничка на Superschools, одобрен проект преку RYCO, Драган Атанасов, претставник на одобрен проект преку RYCO, Габриела Лескова, учесничка на програмата ROUTEWB6 и Марјан Ицоски од НВО АРНО, проектен менаџер на проектот „RISE“ одобрен преку RYCO.
Во рамки на петтиот модул на Школата се одржа и панел-дискусија на тема „Иднината на младинското учество и соработката на Западниот Балкан“, на која учествуваа Алберт Хани, генерален секретар на RYCO, Маријана Ангелова, генерален секретар на Национален младински сојуз на Македонија и Анелија Митрова, оперативен координатор во Младински сојуз од Крушево.
На последниот ден од петтиот модул на Школата говореше Драган Атанасов од Сојуз за младинска работа, на тема „Развој на нови иновативни форми на младинско учество“, а се одржа и дискусија со експертите и гостите за регионална соработка и младинско учество.
Школата за политики е организирана во соработка со канцелариите на фондациите и здруженијата во земјава „Фридрих Еберт“, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), Фондацијата „Конрад Аденауер“, Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ), Фондација за демократија на Вестминстер, Фондацијата „МК2025“ и Регионалната канцеларија за младинска соработка „RYCO“. хс/аа/