• понеделник, 23 декември 2024

Патувањата на преводите - разговор со Екатерина Петрова, Румена Бужаровска и Владимир Мартиновски

Патувањата на преводите - разговор со Екатерина Петрова, Румена Бужаровска и Владимир Мартиновски
Скопје, 28 јуни 2022 (МИА) - Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Превод во движење“ (Translation in Motion) вечер од 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“ ќе го организира настанот „Патувањата на преводите; разговор со Екатерина Петрова, Румена Бужаровска и Владимир Мартиновски“. Повод за разговорот е преведувачката резиденција на Екатерина Петрова, која во јуни престојуваше во Скопје и работеше на преводот на бугарски јазик на збирката раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска. Досега Екатерина Петрова работела и на преводот на книгата „Ехо од бранови; хаибуни“ на Владимир Мартиновски, па настанот е можност за дијалог меѓу преведувачката и авторите на чии преводи работела. Ќе се разговара на теми поврзани со поетиката на книжевниот превод, начините на кои преводите ги надминуваат границите на националните книжевности, како и за преводот, книжевната и културната комуникацијата меѓу македонските и бугарските автори. Екатерина Петрова е книжевна преведувачка и авторка на есеистички книги. Има завршено постдипломски студии за книжевен превод на Универзитетот во Ајова, САД. Активно се занимава со превод на дела од бугарски автори на англиски јазик и обратно, а предава превод и на Универзитетот во Софија. Во 2021 година ја објави збирката есеи/патописи „Трагач по нешта: 44 (не)обични предмети од блиску и од далеку“. Румена Бужаровска е македонска писателка и книжевна преведувачка. Работи како вонреден професор по американска книжевност на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Објавила четири збирки раскази: „Чкртки“, „Осмица“, „Мојот маж“ и „Не одам никаде“. Владимир Мартиновски е поет, есеист, прозаист, книжевен преведувач и антогичар. Работи како професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Објавил повеќе од 20 книги поезија, проза, книжевно-теориски и есеистички книги и антологии. Модератор на настанот ќе биде Владимир Јанковски. „Превод во движење“ е проект чија цел е збогатување и засилување на протокот на преведената литература во Европа и особено меѓу земјите од Западен Балкан и земјите членки на Европската Унија. Во рамки на резиденцијалните престои, преведувачите работат на конкретни книжевни преводи и имаат можност дополнително да се запознаат и да ја истражат македонската литературна сцена. Проектот „Превод во движење“ (Translation in motion) е финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. хс/ев/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан