• сабота, 21 декември 2024

Парното поскапува за 4,51 отсто

Парното поскапува за 4,51 отсто

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Парното ќе поскапи 4,51 процент, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.

Како што информира Бислимоски на прес-конференција, тоа на сметка од 1 000 денари значи зголемување за 45 денари или на просечна сметка од 1 800 денари, зголемувањето е 80 денари.

Според претседателот на РКЕ, до крајот на грејната сезона нема да има нова корекција без разлика на таксата за руски гас.

-РКЕ донесе одлуки со кои крајната цена за испорачаната топлинска енергија на потрошувачите снабдувани од ЕСМ од бараното зголемување на цената од над 50 отсто, одобри 4,51 процент. Со овие одлуки цената за граѓаните останува во опсег стабилна, а трите компании на ЕСМ за снабдување, дистрибуција и производство на топлинска енергија се практично приморани што побрзо да го стават во функција топловодот Беласица за системот да работи економично и во целост да ја користи топлинската енергија од ТЕТО. РКЕ со денешните одлуки, водејќи се од интересот на потрошувачите поставува финансиска рамка и праќа сигнал за максимално економично работење на ќерките фирми на ЕСМ. Со работата на ТЕТО и функционирањето на топловодот Беласица, просечна сметка за топлинска енергија изнесува 1 800 денари, без работа на ТЕТО 2 800 денари, што е разлика во цена од 60 отсто, истакна Бислимоски.

Според РКЕ, вкупно 64 000 домаќинства се снабдуваат со топлинска енергија. мч/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан