• понеделник, 04 ноември 2024

Паркинзи за велосипеди во сите станбени, деловни и јавни објекти во Центар

Паркинзи за велосипеди во сите станбени, деловни и јавни објекти во Центар
Скопје, 6 март 2022 (МИА) - Општина Центар соопшти дека според одлуката на денешната седница на општинскиот Совет, инвеститорите ќе треба да планираат паркинзи за велосипеди кај сите нови и постојни станбени, деловни и јавни објекти во општината. - Уредувањето и обезбедувањето на овие паркинзи за велосипеди во рамки на една градежна парцела треба да е правопропорционално на бројот на станбени единици и бројот на паркинг места за моторни возила предвидени и содржани во објектот кој е предмет на барањето, согласно Законот за градење, како и на веќе изградените станбени и други објекти кои не се предвидени за домување на територијата на Општина Центар, се вели во соопштението. Минималниот потребен број на паркинг места за велосипеди кај новите и реновирани станбени згради со повеќе од три паркинг места за моторни возила да е две паркинг места за велосипеди за секоја станбена единица. Додека кај објектите со повеќе од пет паркинг места за моторни возила, за секое паркинг место за возило ќе треба и едно паркинг место за велосипед. Од Општината информираат дека од вкупниот број паркинг места за велосипеди, минимум 50%, треба да бидат заштитени од кражба и атмосферски влијанија, предвидени во приземјето или на првото подземно ниво на објектот, во документациите кои се дел од постапките за издавање одобрение согласно Законот за градење. Кај веќе изградените деловни објекти одредбите на одлуката треба да се уредат и усогласат инфраструктурата и опремата за паркинг за велосипеди во рок од две години од стапување на сила на одлуката, додека објектите кои не се предвидени за домување и имаат повеќе од пет паркинг места за моторни возила ќе имаат рок од една година. Целта на проектот е да се стимулира поголема употреба на еколошки превозни средства, да се овозможи намален метеж во сообраќајот, но и намалена загаденост на воздухот од користење на моторни возила. Oоваа нова мерка произлегува од барањата на Здружението за урбан велосипедизам „НаТочак“, за кои градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, поднесол иницијатива до општинскиот Совет, по што истата била прифатена.сх/са/

Остани поврзан