• понеделник, 23 декември 2024

Парада на гордоста во Атина (Фото)

Парада на гордоста во Атина (Фото)

Атина, 16 јуни 2024 (МИА) – Под мотото „Еден закон не е доволен“ и со знамиња во боите на виножитото, ијладници граѓани на различна возраст, припадници на ЛГБТ+ заедницата, но и туристи, учествуваа на традиционалната Парада на гордоста (Athens Pride) во центарот на Атина, а добија поддршка од 26 дипломатски претставништва во Грција, од политички партии, како и од атинскиот градоначалник, јави дописничката на МИА од Атина.

Весели, расположени, распеани лица ги исполнија атинските улици, кои од попладневните часови, до доцна во ноќта се забавуваа на парадата, кој а и оваа година помина без никакви проблеми и со масовно учество.

Пред четири месеци, грчкиот Парламент го изгласа законот за истополови бракови, па затоа оваа година парадата беше под мотото „Еден закон не е доволен“, за на овој начин, организаторите и учесниците да испратат порака дека бараат целосна општествена промена која ќе донесе суштинска еднаквост, дека се потребни дополнителни активности за целосна општествена инклузија на ЛГБТ+ луѓето, која не се случува само затоа што е донесен конкретниот закон.

-Законот е добар, но треба уште работа, како што е признавање на сите права на ЛГБТ+ луѓето и тие да бидат еднакви како и на хетеросексуалците, вели за МИА млада Гркинка.

Новиот градоначалник на Атина Харис Дукас, не само што ја поддржа парадата, туку им се обрати на присутните, а потоа, заедно со нив беше дел од маршот низ атинските улици, што воедно е и првиот градоначалник што учествува на Athens Pride.

Истакна дека „Атина цврсто се залага за инклузија и толеранција, а оваа година постои уште поголема одлучност да се промовираат овие идеали“, посочи дека Парадата на гордоста е уште една можност да се слави еднаквоста и љубовта, испраќајќи ја пораката дека „Атина љуби, поддржува и прифаќа“.

Меѓу низата штандови поставени на плоштадот Синтагма беа и оние на опозициските партии СИРИЗА, ПАСОК и Нова левица, присутна беше и претседателката на Курс на слободата Зои Константопулу.

Со свој штанд учествуваше и Земјоделскиот факултет, што воедно е и првиот и засега единствен факултет со активно учество.

Една од студентките во разговор со дописничката на МИА објасни дека целата идеја е откако на факултетот бил формиран Комитет за родова еднаквост, а за учеството добиле поддршка од мнозинството студенти и професорите.

-Со бавни, но стабилни чекори одиме напред кон целосна еднаквост за сите, без разлика дали луѓето се ЛГБТ+ или не и се надевам дека набргу и ова ќе биде реалност, по за изгласаниот закон, а исто така се надевам дека нашата иницијатива ќе ја следат и останатите факултети, вели студентката.

Амбасадите и претставништвата на Австралија, Австрија, Белгија, Канада, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Ирска, Латвија, Литванија, Луксембург, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Португалија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, САД, Велика Британија и претставништвото на Европската комисија и канцеларијата на Европскиот Парламент во Грција, преку заедничка писмена изјава ја изразија нивната поддршка и за Athens Pride и за Euro Pride 2024 во Солун.

Го поздравија усвојувањето на законот за истополовите бракови во Грција и порачаа дека нивните земји се обврзуваат да ги почитуваат и промовираат правата на сите луѓе, а ЛГБТ+ лицата имаат право на универзални човекови права.

Паралелно, дел од учесниците на парадата, со палестински знамиња, транспаренти и слогани изразија поддршка за палестинскиот народ и побараа „Слобода за Палестина“.

По парадата се одржа и голем концерт, а учесниците закажаа нова средба за 29 јуни на Европската парада (Euro Pride) што ќе се одржи во Солун. ср/

Фото: МИА

Остани поврзан