• петок, 22 ноември 2024

Панел на ТИРЗ: Празните зборови да се менуваат со дела зашто над 90 отсто од младите кои веќе заминале од земјава, не сакаат да се вратат

Панел на ТИРЗ: Празните зборови да се менуваат со дела зашто над 90 отсто од младите кои веќе заминале од земјава, не сакаат да се вратат

Скопје, 2 април 2024 (МИА) - Над две третини од младите во земјава немаат интерес да се вклучат ниту во политички партии, ниту во граѓански организации, ниту во каков било општествен активизам. Ова е аларм, но очигледно недоволно вклучен или аларм што се јавува само во програмите на политичките партии и само пред избори. Тоа мора да се промени, зашто младите луѓе токму поради ваквата клима (ги нема на листите, ги нема на функциите, ги нема реално да креираат програми), се повеќе одлучуваат да си одат или да се повлечат, велат експертите.

Како што истакнаа по денешните први панел сесии со кои ТИРЗ ја почна серијата настани во рамки на проектот „Иднината почнува дома“, добриот стандард и квалитетот на животот генерално, воздух, образование, здравство, култура, спорт, уметност,..., е она што му недостасува на секој млад човек тука, но е и нешто што секој млад човек може да го добие веднаш во некоја од европските метрополи, со само еден лет на нискобуџетните авионски компании.

Според сатистиката, бројките се песимистички. Населението бележи опаѓање, а со тоа се менува и возрасната структура - способното население од 15 до 64 години се намалува, а населението постаро од 65 години се зголемува. Некои истражувања, пак, беше речено на настанот, покажуваат дека Северна Македонија до 2070 година би останала со околу 1 400 000 жители, додека над 90 проценти од младите кои веќе заминале во странство, не сакаат да се вратат.

-Не треба само да се зборува во камера и да се констатира дека „имаме проблем“, туку мора сериозно да се работи. Пред еден месец промовиравме 32 успешни млади луѓе од државата, млади од повеќе возрасни категории - студенти, ученици, успешни бизнисмени, широка палета на културни работници,... Оваа критична група луѓе, амбасадори на проектот „Иднината почнува дома“, од денеска почнуваат со серија дискусии на различни теми и со конкретни предлози за тоа како може да се изгради акциски план со конкретни чекори за тоа како да се подобрат условите, како воопшто оваа држава да стане попривлечна за младите да и дадат шанса и да останат тука. Како да не останеме само на празни зборови, само на програми на политички партии, туку да се реализираат многу конкретни работи со конкретни луѓе од практиката. Денеска не случајно избравме две интересни теми - образование и култура, кои навидум немаат врска со економијата, теми кои играат голема улога врз луѓето кога размислуваат дали да останат тука или да заминат. Даваме можност осум млади луѓе од 32-цата амбасадори на проектот „Иднината почнува дома“ да креираат докумет со свои конкретни предлози, а документот потоа ќе биде проследен до јавноста и до сите чинители. Практично, почнуваме да градиме политики и планови како сите тие работи да се спроведат во пракса и како сето ова што го имаме тука, како општество и заедница, да стане многу попривлечно и попрофитабилно за луѓето во нашата држава, нагласи директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

И тој се согласи дека статистичките податоците не се охрабрувачки.

-Имавме интересна презентација од Државниот завод за статистика, интересна во наводници, бидејќи проекциите не се охрабрувачки, меѓутоа добро е да знаеме од каде тргнуваме и да знаеме дека целите се достижни и можеме да ги оствариме сите заедно. Групата од 32-цата амбасадори е доста кохерентна. Имаме луѓе од економијата, не само бизнисмени, имаме луѓе кои работат во дел од компаниите, но имаме и средношколци, студенти, луѓе од образованието - воспитувачки, универзитетски професори, подвлече Деспотовски.

Комуникологот Бојан Кордалов смета дека е голема разликата дали државава ќе ги задржи или ќе ги мотивираме младите да останат.

-Треба да ги мотивираме младите да останат зашто на тој начин, всушност, се мотивираат државата и институциите да создаваат мерки во интерес на младите, да направат држава во интерес на младите, да ги вклучат да одлучуваат како таа да изгледа. Во спротивно, пораката „да ги задржиме“, кај голем дел од младите луѓе создава страв дека не можат да стекнуваат искуства надвор. Стекнувањето искуство преку учење, студирање, работа, волонтирање во странство е многу добро за Македонија и за сите нас, меѓутоа она што плаши, она што мора да се промени особено од страна на институциите, е онаа бројка која вели дека над 90 проценти од младите, по многу истражувања, не сакаат да се вратат назад, а не дека имаат желба да заминат. Во ред е да сакаат да заминат со тоа што ќе стекнат искуство и можат да го применат тука, но желбата да не се враќаат дома која е огромна, треба да не загрижува, потенцира Кордалов. 

Прашан во врска со претстојните избори, тој оцени дека за младите политичката кампања која треба да почне на 4 април, е повеќе од донекаде токсична. Голем дел од нив одлучуваат воопшто да не ја следат. 

-Полошо од неинформирани граѓани, полошо од невклучени млади мислам дека нема, заклучи Кордалов.

Марија Петрова, асистент на Архитектонскиот факултет при УКИМ, работи на креирање на политиките за младите.

-Вклучена сум во дел на образовниот процес на младите идните професионалци и тоа е посебен предизвик, бидејќи, како што и статистиките покажаа, младите професионалци се тие кои недостасуваат во нашите позитивни натамошни сценарија. Би сакала да ја потенцирам важноста на образованието и на нашата вклученост во него за што, претпоставувам, со нашите дискусии ќе наидеме на неколку размислувања, визии и стратегии кои ќе немаат за цел да го решат овој проблем во целост, туку доколку се имплементира еден дел од нив, можеби ќе се отвори простор за натамошен иден и успешен развој на нашето општество. За интелектуалните капацитети на младите нашето општество не нуди доволно простор за напредок и предизвици, па така со својата интелектуална надмоќ на некој начин, тие се губат во она што претставува секојдневие од активности и своето место за развој го бараат во надворешни компании, меѓутоа и иселувајќи се од нашата земја. Би требало акцентот, пред се, да го ставиме на младите, бидејќи тие се тој прогресивен капацитет што треба да не насочи кон подобро сценарио, подвлече Петрова.

Според Николија Златевска, средношколка во „Васил Антевски Дрен“ и практикант во ТИРЗ, на заедницата општо, не само на младите, и е потребно нешто ново, креативно и привлечно. мч/лв/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан