Охриѓани повторно мета на измамници преку Интернет
- Секторот за внатрешни работи од Охрид уште еднаш со предупредување до граѓаните за зголемен број пријави за измама сторена преку Интернет.

Охрид, 24 февруари 2025 (МИА) - Секторот за внатрешни работи од Охрид уште еднаш со предупредување до граѓаните за зголемен број пријави за измама сторена преку Интернет.
Според СВР - Охрид, непознати лица преку социјалните мрежи и телефонски повици се претставуваат како „финансиски советници“ и најчесто нудат услуги за тргување со криптовалути со ветувања за висока и брза заработка.
-Измамниците комуницираат со жртвите користејќи броеви кои, обично изгледаат како локални броеви, но и броеви со странски префикс се со цел, да стекнат доверба. Во текот на разговорот, ги убедуваат жртвите да инсталираат софтвер за далечински пристап (AnyDesk, SupremoMobile и останати апликации), под изговор дека им е потребен за да им помогнат со поставување на платформата за тргување и да им помогнат околу креирање на свои профили, ги наведуваат дека може да помогнат во процедура за подигнување на брзи кредити од локалните финансиски друштва (најчесто користено финансиско друштво е ИУТЕ кредит од причина што имаат свој „банкомат“ од каде жртвата ги подигнува паричните средства. Откако ќе добијат далечински пристап до компјутерот или мобилниот уред на жртвата, измамниците пристапуваат до електронското банкарство на жртвата и ги префрлаат паричните средства а контактираните граѓани, остануваат без средства пред да сфатат дека се измамени со што, штетите се значително големи, предупредуваат од СВР - Охрид.
Од полицијата апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни при комуникација со непознати лица и лица со странски телефонски броеви кои лажно се претставуваат и нудат финансиски совети преку Интернет.
-Покрај ова, тие на оштетените им кажуваат дека имале голема сума за подигнување како наследтво и слично. Посочуваме, со цел да не бидат злоупотребени, граѓаните да не наседнуваат на било какви понуди на овие лица, да не ги следат нивните насоки и да не остават свои лични и други податоци или службени информации. Поради комплексниот начин на истрага, една од ефикасните форми за борба против овој вид на криминал е превенцијата и градење висока свест и совест при комуникацијата и користење на интернет мрежите. Воедно, потсетуваме дека информациите за постоење на сомненија за овој вид измами, навремено да се пријават до СВР Охрид, се наведува во предупредувањето. аб/дма/
фото/МИА архива