• недела, 24 ноември 2024

Охридскиот Црвен крст со вклучува во одбележувањето на Светскиот ден на старите лица

Охридскиот Црвен крст со вклучува во одбележувањето на Светскиот ден на старите лица

Охрид, 1 октомври 2024 (МИА) – Општинската организација на Црвениот крст од Охрид се приклучува кон кампањата на Обединетите нации во одбележувањето на 1 октомври - Меѓународниот ден на стари лица.

Во таа насока, во просториите на Организацијата денеска е организирана тематска средба на која ќе учествуваат претставници на Програмата за грижа за стари лица „Најди време“, што ја реализираат Црвениот крст од Охрид, претставници на Локалните самоуправи на Охрид и Дебрца, претставници на Здружението на пензионери двете општини и претставници на Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа. На средбата ќе се дискутира за иницијативите покренати од страна на Црвен крст Охрид-Програма за грижа за стари лица, за изградба и функционирање на Дом за стари лица и Дневен центар за стари лица на територијата на општините Охрид и Дебрца, како и за други горливи проблеми со кои се соочуваат старите лица во нашата заедница.

Предвидувањата укажуваат дека бројот луѓе на возраст од 65 години или постари во светски рамки ќе се зголеми повеќе од двојно, од 761 милион во 2021 година на 1,6 милијарди во 2050 година. Бројот лица на возраст од 80 години или постари расте уште побрзо. Жените имаат тенденција да живеат подолго од мажите и на тој начин го сочинуваат мнозинството постари лица.

Според податоците на Обединетите нации, Република Северна Македонија ќе доживее брз процес на стареење на населението во следните децении. Најновите податоци од пописот во 2021 година, на Заводот за статистика покажуваат дека 24 отсто од населението во РСМ е над 60 години. Постарата популација претставува речиси една четвртина од населението и овој тренд, дефиниран како стареење на популацијата, наметнува низа здравствени, социјални и економски предизвици, што пак имплицира зголемена потреба, пред се, од здравствени и социјални сервиси.

Црвениот крст од Охрид спроведува најразлични услуги за стари лица со цел подостоинствен и квалитетен живот на старите луѓе и дава придонес и активно се вклучува во креирање на политики за старите луѓе во локалната заедница. аб/са/

Фото: плакат

 

 

Остани поврзан