Отворена изложбата „Патувања“ - патување низ внатрешниот свет на учениците
- Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ од денеска е отворена изложбата „Патувања“, составена од колажи изработени низ креативни работилници организирани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Скопје, 12 декември 2025 (МИА) - Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ од денеска е отворена изложбата „Патувања“, составена од колажи изработени низ креативни работилници организирани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Изложбата претставува инклузивен проект во кој учествувале ученици од гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“ и Државното средно училиште со ресурсен центар (ДСУРЦ) „Партенија Зографски“, под менторство на студенти од Факултетот за ликовни уметности – Скопје и Универзитетот Фонтис од Холандија. Едукатор на проектот е Маја Димитрова.

Едукаторот Димитрова соопшти дека се работи за инклузивен проект кој има за цел вклучување на децата со попреченост, во случајов децата со оштетен слух и говор од единственото училиште во земјава Државно средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ – Скопје. Овие ученици работеле заедно со нивните врсници од гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“ и „Јосип Броз-Тито“, паралелка Меѓународна матура. Последните години се вклучени студентите од позиција на ментори, оваа година тоа биле студенти од Универзитетот Фонтис од Холандија и од Факултетот за ликовни уметности - Скопје под менторство на професор Велимир Жерновски, кои ги воделе во изработките на креациите.
- Медиумот на работа секоја година се менува и тоа е идејата, да дадеме можност тие полесно и поедноставно да се изразат. Оваа година работевме колаж техника со имплементација на боја. Станува збор за тема патување, кое не се подразбра секогаш од точка А до точка Б, туку патување низ нивниот внатрешен свет. Многу интересни прашања тие одгатнаа и дадоа во текот на овој тип работилници, односно колку е важно што ги носиме одлуките денес каков резултат и ефект остава во иднина. Некои работеле на тоа зошто е важно да го задржиме детето во себе, без разлика на возраста, она детското, искреното, наивното. Други работеле на идејата дека ако сакаме колективна промена треба прво ние како луѓе, индивидуално да се менуваме, изјави Димитрова.
Посочи дека ваквите проекти развиваат критичка мисла кај секој од нив, без разлика на попреченост или не, сите подеднакво размислуваат во таа насока.

- Колку години работам со овој тип на ученици и на ваков тип проекти, секогаш сум изненадена се повеќе и повеќе и над моите очекувања. Гледам како тие сериозно и многу професионало пристапуваат кон секој нов предизвик. Јас како едукатор можам да дадам насоки, да ги подготвам што се очекува од нив, но се останато е нивно, подвлече Димитрова.
Таа информира дека проектите традиционално се поддржани од Министерството за култура и туризам и изрази задоволство што се повеќе се вклучуваат општествено-одговорни компании, кои ги поддржуваат ваквите проекти преку донации и партнерства. Во ваквите проекти, како што рече, покрај поддршката од националните институции, и поддршката од компаниите значи многу.

Професорот Игор Китановски од Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ – Скопје изјави дека неговото рарботно искуство во ова училиште покажува дека овие ученици поседуваат голем талент. Покрај нивната попреченост тие имаат развиено други чувства и сетила и надареност за уметност.
- Оваа изложба е една наша насока како од училишните клупи да излеземе и да направиме изложба надвор од училиштето, како на пример овде. Практично целото училиште, сите ученици се присутни на оваа изложба и имаат по еден мал удел од нивното креативно творење и видување, изјави Китановски, кој ја истакна добрата соработката со Националната галерија и со кустосот Маја Димитрова и рече дека повеќе од 10 години организираат вакви изложби. Апелираше да се вклучат и други поддржувачи и да одвојат средства за овие ученици кои, како што рече, тоа го заслужуваат.
Изложбата ќе биде поставена во наредните десетина дена. мд/вј/
Фото: МИА