• понеделник, 23 декември 2024

Османи: Проблемот не e во содржината, туку во формата за усвојување на Резолуцијата без консензус на политички партии

Османи: Проблемот не e во содржината, туку во формата за усвојување на Резолуцијата без консензус на политички партии
Скопје, 8 јули 2021 (МИА) – Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во врска со предложената Резолуција на опозоциската партија ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата вели дека проблемот не го гледа во содржината, туку во формата за усвојување на Резолуцијата без консензус на политички партии. -Важно беше иницијативата во Собранието да биде донесена со консензус, затоа што макотрпно работевме во овој период да изградиме државна позиција по однос на овие сензитивни прашања коишто имаат елементи на етнички позиции, истакна министерот Османи. Министерот во гостување во вестите на Сител телевизија зборуваше за неговата реакција околу Резолуцијата, како и за важноста на консензусот по овие прашања. -За нас како дипломатија беше многу лесно кога зборувавме во име на сите граѓани, без ниедна дисонантност. И јас од тука се плашев дека кое било дерогирање на државната позиција во етничка позиција може да ни ги ослаби позициите, изјави министерот. На прашањето зошто гледа етничка позиција, тој рече дека неговата реакција била со цел да му укаже на Собранието дека не смее во Собранието да се усвои Резолуција доколку нема претходно усогласен консензус помеѓу политичките партии од сите етнички заедници. –Тој мој апел се разбра и од предлагачите, меѓутоа и од другите политички партии коишто почнаа еден поактивен ангажман за да се постигне тој консензус по однос на текстот и мене ми е драго што еве, политичките партии, вклучувајќи ја и мојата партија се веќе во комуникација да го усогласат текстот и да излезат со целосна поддршка. Мислам дека доколку имаше само етничка позиција, бидејќи тоа се обидовме да го премостиме, односно да го доизградиме како државна позиција и успеавме, истакна тој. Појасни децидно дека проблемот не го гледа во содржината, туку во формата за усвојување на Резолуцијата без консензус на политички партии. –Во однос на содржината нема ништо различно во тој документ од тоа што ние го кажуваме секој ден во нашите позиции бидејќи тоа се нашите позиции. Сме кажале од почеток дека не разговараме билатерално за прашањето на јазикот, за прашањето на идентитетот, меѓутоа успеавме оваа позиција кон прашањето на јазикот, кон прашањето на идентитетот да биде став поддржан од сите граѓани на оваа држава независно од која етничка заедница доаѓаат и тоа беше многу важно за кредибилитетот како што кажав на нашата позиција пред ЕУ, пред Бугарија, пред светот. Не беше лесно да го изградиме тој консензус. Не треба да го земаме здраво за готово, потенцира Османи. Додаде дека независно од содржината и формата е многу важна, бидејќи испраќа порака. -Замислете оваа резолуција да помине во Собранието без гласовите на пратениците од другите етнички заедници. Каква порака даваме пред Бугарија, каква порака даваме пред светот – дека имаме етнички позиции. За мене беше клучно дека не смее да се донесе Резолуција ако нема поддршка од сите политички партии затоа што тука почнува проблемот. Доколку тука се појави дисонантност тоа што го изградивме досега како државна позиција да почнат различно само ќе ни ја ослабе  позицијата, заклучи министерот. Информира дека доколку се постигне согласност, ДУИ ќе ја поддржи резолуцијата, но дека како министер за надворешни работи смета оти покредибилна ќе биде позицијата на сите чинители доколку се задржи консензус по однос на овие прашања. свс/дма/

Остани поврзан