• петок, 22 ноември 2024

Османи: Не бегаме од одговорностите во Договорот за добрососедство, да се забрза европската перспектива на регионот

Османи: Не бегаме од одговорностите во Договорот за добрососедство, да се забрза европската перспектива на регионот
Скопје, 15 декември 2020 (МИА) - Нема подобар начин да се забрза имплементацијата на договорите за добрососедство, од самото забрзување на европската перспектива на државите од регионот. Билатералните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија се веќе ставени во Договорот за пријателство и добрососедство и притоа Северна Македонија не бега од одговороностите што ги има во договорот, но сметаме дека двата процеса можат да се одвиваат паралелно еден покрај друг. Ова денеска го изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи на заедничка прес-конференција со неговиот чешки колега Томас Петжичек во Прага. Османи потсети дека речиси сите 26 земји членки се спротивставуваат на обидот за билатерализација на преговарачкиот процес, и тој став, рече тој, не е само во интерес само на Северна Македонија туку и на самиот преговарачки процес и неговата улога во европска трансформација на регионот. Европскиот процес, дополни Османи, не треба да биде заложник на билатералните прашања на Северна Македонија, ниту на која било друга земја од Западен Балкан. -За жал, и покрај фактот што Европскиот совет со консензус во март годинава после 15 години канидатски статус донесе одлука за преговори меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, и покрај очекувањата дека наредниот чекор за одржување на првата меѓувладина конфеенција е само техничка операционализација на една веќе донесена политичка одлука со консензус оваа година, за жал, ЕС не успеа да го усогласи текстот на преговарачката рамка минатата недела и покрај постоењето на некои повеќе теоретски можности тоа да се корегира во текот на оваа недела и со тоа се направи голема штета на европската перспектива на регионот и не се валоризираа успесите на државата, рече Османи. Повтори дека тоа нас не не обесхрабрува, туку се продолжува да се изнаоѓа решение за билатералните спорови кои, рече, за жал повторно го презедоа европскиот процес, па паралелно се работи и на носење на Европа дома преку продолжување на европската агенда. Шефот на чешката дипломатија Томас Петжичек, во врска со одржувањето на првата меѓувладина конференција изрази надеж дека оваа и наредната недела се уште има простор тоа да се реши, да се стаса до некаков компромис. -Чешка ги поддржува напорите на германското претседателство за тоа да се постигне договор и Бугарија да се откаже од своите барања на некој начин и да се стигне до компромис. Се надевам дека меѓувладината конференција би можела да почне, но тоа зависи од утрешниот состанок во Брисел, рече Петжичек. Тој кажа дека и Чешка имала горливи билатерални прашања со соседите, што ги решиле и со помош на историчари и граѓански организации, како и дека се подготвени да го споделат тоа искуство со бугарските и македонските колеги. нд/лв/  

Тагови

Остани поврзан