• вторник, 25 јуни 2024

Општина Охрид со манифестација за децата го збогатува охридското културно лето

Општина Охрид со манифестација за децата го збогатува охридското културно лето

Охрид, 12 јуни 2024 (МИА) – Децата од Охрид, како и сите млади кои летово ќе престојуваат во Охрид ќе можат да уживаат во некоја од бројните културно–забавно содржини предвидени во рамки на манифестацијата „За сите деца“ што ја организира Општина Охрид.

Децата во периодот од јуни се до октомври ќе можат да бидат дел од некои од активностите и настаните што за нив ќе бидат организирани на отворени сцени на атрактивни локации низ градот.

Ќе се одржуваат детските театарски претстави „Цветко и градината“, „Разгалениот принц“, „Младиот чорбаџија“, „Дизајнерот Далматинко“ и „Црвенкапа“, сите изведба на „Театар Хит“ од Скопје. Најмладите преку омилените детски ликови, ќе имаат можност  да другаруваат со нашите познати актери Магдалена Ризова Черних, Сашо Ристовски, Ема Давчева и Бранко Атанасов.

Најмладата публика во Охрид, ќе има можност да биде дел од сликарската школа „Пробај уметност“, да се дружат со младите поети од Балканскиот поетски камп за деца и млади„ Ванчо Николески“, како и со омилените ликови од детската емисија „Малите ѕвездичи со КА-2“.

Во рамки на манифестацијата ќе се одржуваат и балетската претстава „Барби“ во изведба на охридското  детско  балетско друштво „Наталис студио“, потоа првиот танцов фестивал „Охрид танцуваТ“, организиран од танцовиот клуб „Соната“, со „флеш-моб“ и едукативни танцови работилници.

Преку книжевните средби со писателите за деца, Билјана Црвенкоска и Горјан Петрески, децата,  ќе имаат можност да се запознаат со ликовите на „Биби и Боби“.

Ќе се прикажуваат и филмови за деца, изведби на модерни бајки, песни во изведба на учесниците на детските фестивал „Поточиња’“, „Распеано рибарче“, „Радика Фест“ и „Весели Ѕвончиња“, Вистинска атракција за публиката, ќе биде мјузиклот „Црвенкапа“ во изведба на „Балада Продукција“.

Организаторите на манифестацијата секоја седмица ќе ја најавуваат програмата, содржините, како и местото и времето на одржување на настанот. аб/лв/

фото/плакат

 

Остани поврзан