• петок, 22 ноември 2024

Општина Охрид ги распиша конкурсите за највисоките градски награди и признанија

Општина Охрид ги распиша конкурсите за највисоките градски награди и признанија

Охрид, 10 ноември 2024 (МИА) – Општина Охрид го објави конкурсот за годинешните највисоки градски признанија и награди, што се доделуваат по повод 8 декември – празникот посветен на Свети Климент Охридски, патронот на градот.

Градот доделува две награди и тоа Повелба што ја доделува Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, како и Климентовата награда „Патрон на градот“ што ја доделува Градоначалникот.

Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во равојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид во Република Северна Македонија и во светот, во период од една година, додека истите критериуми важат и за Наградата, но со разлика дека се работи за животно дело, траен белег во развојот на градот.

Право на учество на Конкурсот имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци. Со пријавите потребно е да се достави куса биографија и образложение за какви остварувања и придонес станува збор. Исто така, кон пријавата потребно е да се достави и најмалку една препорака од релевантна институција или истакнат поединец од областа за која се конкурура.

Повелбите може да се доделат повеќе или едно признание да го делат повеќе субјекти или лица додека Наградата „Патрон на градот - Св. Климент Охридски” се доделува на еден добитник само еднаш и истата не може да се дели меѓу повеќе добитници.

Конкурсот е отворен и трае 15 календарски дена од објавувањето. аб/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан