• понеделник, 23 декември 2024

Општина Крива Паланка ќе финансира бесплатен летен одмор за деца во социјален ризик

Општина Крива Паланка ќе финансира бесплатен летен одмор за деца во социјален ризик

Крива Паланка, 10 јуни 2024 (МИА) - Со Годишната програма за социјална, детска и здраствена заштита за 2024 година, Општина Крива Паланка првпат ќе овозможи бесплатен летен камп за деца од семејства во социјален ризик.

Објавен е јавен повикот е за пријавување деца од  7 до 14 години, ученици од второ до деветто одделение во двете основни училишта од градот: ООУ „Св.Јоаким Крчовски“ и ООУ „Илинден“. 

-Право на користење на годинашниот, прв, бесплатен летен одмор за дечиња од општината во соработка со Сојуз за грижи и воспитување на децата на Македонија, Скопје, имаат сите деца од: семејства корисници на гарантирана минимална парична помош - социјална помош, семејства на самохран родител и деца без родители и родителска грижа. До крај на тековната учебна година трае доставувањето пријави за бесплатниот седумдневен престој што ќе се одржи во Детското одмаралиште “Радости”, Охрид, од 07-13 август годинава. Одморот ќе вклучи: забавни, спортски и едукативни работилници и активности под  менторство на стручни лица, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Рокот за пријавување е крајот на учебната година, заклучно со понеделник, 17 јуни, а сите информации, детали и формулари се достапни на веб страната на Општина Крива Паланка :https://www.krivapalanka.gov.mk/novosti/38117. ид/мч/

фото: МИА

Остани поврзан