• вторник, 02 јули 2024

Општина Зрновци го ограничи сообраќајот во центарот на населбата

Општина Зрновци го ограничи сообраќајот во центарот на населбата

Кочани, 24 јули 2023 (МИА) - Општина Зрновци постави нова сообраќајна сигнализација со која го ограничи движењето на моторните воизла во центарот на населбата за да ја зголеми безбедноста на пешаците.

На петте најкритични места на улицата „Генерал Апостолски” во Зрновци поставени се сферни сообраќајни огледала, регулатори на брзина на движење, како и знаци за ограничување на движењето во согласност со новиот режим на сообраќај.

-Иако е најмала во регионот, нашата општина бележи зголемен број гости и посетители, особено во летниот период, а посебно е атрактивна со својата уреденост, природната свежина и прекрасните угостителски објекти покрај реката Зрновка. Паркот и плоштадот во вечерните часови се преполни со млади и повозрасни, а голем број пешаци се движат по улиците и тротоарите покрај кејот. За поголема безбедност и избегнување немили настани предизвикани од моторни возила, воспоставен е сообраќаен режим на улицата „Генерал Апостолски” којашто се протега од плоштадот „Св. Димитрија“ до мостот кај Соколаната, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Во согласност со изготвениот сообраќаен проект, со добиеното позитивно мислење од СВР – Штип и со решение од градоначалникот, централната улица во Зрновци во текот летниот распуст, односно во месеците јуни, јули и август ќе биде затворена за сообраќај за сите видови моторни возила во период од 17 до 5 часот наутро.

Од Општина Зрновци упатуваат апел за почитување на режимот за сообраќај и сите учесници да придонесат за зголемување на безбедноста. та/мч/

фото: Општина Зрновци

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан