• вторник, 02 јули 2024

Општина Виница ќе бара 200 илјади евра со структурна обврзница за враќање на долговите

Општина Виница ќе бара 200 илјади евра со структурна обврзница за враќање на долговите
Виница, 24 ноември 2022 (МИА) – Советот на Општина Виница на денешната седница даде согласност на предлог-одлуката на општинската администрација да  поднесе барање за структурна обврзница до Министерството за финансии за да ги плати доспеаните долгови и да избегне неликвидност на буџетската сметка за обврски кон правни субјекти и поединци што настанале по различни основи. Според пресметките на финансиската служба во општината, вкупниот износ на доспеани, а неплатени обврски до 17 ноември годинава изнесуваат близу 200 илјади евра, односно над 12,2 милиони денари. Согласноста за барање структурна обврзница беше добиена со мнозински број гласови во општинскиот Совет, при што опозициската советничка група од СДСМ и коалициските партнери оценија дека се работи за непотребно задолжување и треба да се намалат непродуктивните трошења од буџетот за да можат да се вратат долговите. -Не се работи за ново задолжување на Општината, туку сакаме да овозможиме нормално сервисирање на обврските. Структурната обврзница е еден од најповолните начини да се обезбедат средства, наместо да се земаат кредити, а граѓаните не ги интересира дали се работи за стари или сегашни долгови, туку тие очекуваат реализација на планираните проекти, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков. Најголем износ од 6 милиони денари е долг што Општина Виница го има токму кон Министерството за финансии за позајмици. Околу два милиона денари се обрврски кон ЈКП „Солидарност“ за градежни работи и одржување на водоводната и канализациската мрежа,  а над еден милион кон фирми кои изведувале градежни работи. Неплатени се  и обврски за прскањето против комарци, за изработени урбанистички проекти, членарина кон ЗЕЛС, како и долгови за неисплатени месечни паушали на членови на општинскиот Совет од минатиот советнички состав. Стуктуктурната обврзница е  еден од инструментите што општините можат да го искористат во случај на финансиска нестабилност, којашто со измените и дополнувањата на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа настанува без да се чека на донесување одлука од страна на градоначалникот, како што беше претходно.та/

Остани поврзан