• четврток, 21 ноември 2024

Директорката на албански ИНСАТ ги отфрли обвинувањата за манипулации со пописните резултати

Директорката на албански  ИНСАТ ги отфрли обвинувањата за манипулации со пописните резултати

Тирана, 2 јули 2024 (МИА) - По низата реакции околу резултатите од пописот на населението и домаќинствата што во Албанија беше спроведен во 2023 година, реагираше директорката на Институтот за статистика, ИНСТАТ, Елса Дули, тврдејќи дека пописниот процес бил транспарентен и спроведен со професионализам. 

Рече дека презема целосна одговорност за точноста на резултатите бидејќи пописот „произвел точна статистика за населението и домаќинствата, во согласност со новите меѓународни препораки и стандарди“.

- Пописот обезбедува ажурирани информации за резидентното население во Албанија и нивните географски, демографски, економски, образовни карактеристики, за карактеристиките на миграцијата, домаќинствата и становите. Преземаме целосна одговорност за точноста на податоците, кои, се добиени од попишувачите, кои одеа од врата до врата за да собираат податоци, рече Дули, отфрлајќи ги обвинувањата за манипулација со бројки.

Таа ги отфрли и обвинувањата за доцнењето во објавувањето на резултати, што според опозицијата, е со цел манипулација на резултатите.  

- Конечните резултати од пописот се објавени за рекордно време од седум месеци, рече таа.

Оваа статистичка операција беше спроведена од 18 септември до 30 октомври а во неколку рурални подрачја продолжен до 15 ноември, додека резултатите беше најавено дека ќе бидат објавени на 19 јуни па одложено за 28 јуни.

Според ИНСТАТ пописот имал коефициент на покриеност од 97 отсто, додека само мал број луѓе одбиле да одговорат на прашањата на анкетарите.

Резидентното население во Албанија според пописот изнесува 2.402.113 лица, со намалување од 420 илјади луѓе, во однос на Пописот од 2011 година, опозицијата тврди дека нема повеќе од 1,4 милиони.

Пописните резултати околу бројот, по етничка основа, не ги признаваат, Партијата и здруженијата на Македонците, како и на Грците, кои пак дополнително не ги признаваат и податоците за верската припадност и сметаат дека православното население е побројно од прикажаното. 

Македонското МНР викендов излезе со реакција дека прелиминарните резултати од Пописот одржан во Албанија во 2023 година не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата. Министерството најави дека ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес. Остри реакции стигнаа и од најстарата македонска организација во Албанија „Друштво Преспа“, Македонското друштво „Илинден“-Тирана, како и Партија на слободата за Мала Преспа, кои обвинија за груб пописен фалсификат.

-Министерството во претстојниот период интензивно ќе соработува со надлежните претставници на властите во Република Албанија и со претставниците на Македонската заедница во Република Албанија во насока на нивна културна и социјална промоција во рамките на албанското општество, што за жал и повеќе од очигледно било целосно запоставено од страна на претходната политичка гарнитура во нашата држава. Сите отворени прашања меѓу две соседни држави треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно разбирање и почитување на правилата, принципите и вредностите на меѓународниот правен поредок, беше наведено во соопштението од МНР. вт/нд/

Остани поврзан