• петок, 28 јуни 2024

Општина Берово доби владина поддршка за реализација на инфраструктурни проекти во градот и населбата Абланица

Општина Берово доби владина поддршка за реализација на инфраструктурни проекти во градот и населбата Абланица

Берово, 15 декември 2023 (МИА) - Со средства од централниот Буџет, ќе се гради  отворен канал за атмосферска вода, покрај улица ,,Вељко Влаховиќ” во Берово. Дел од средствата, како што информираа од Општината, ќе бидат наменети и за доизградба на локалниот пат Берово-Црвен Брег- туристичка населба Абланица.

-За реализација на проектите ќе се издвојат средства од Буџетот на РСМ за 2023 година, доделени како капитални дотации. Капиталните дотации се наменети за финансирање на општински проекти, при што за двата проекти, за Општина Берово, обезбедени се вкупно 17,9 милиони денари, информираа од Општината.

Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски изрази благодарност до Владата на РСМ, што овозможува реализација на вакви капитални проекти.

-Се работи за проекти од големо значење за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на Општина Берово и кои не би можеле да бидат реализирани без дадената поддршка, рече Пекевски.

Од вкупната сума 17,9 милион денари,  4.65 милиони денари се наменети за изградба на отворен канал за атмосферска вода покрај улица „Вељко Влаховиќ” и 13,2 милиони денари за Изградба на пат Берово-Црвен Брег- туристичка населба Абланица. вс/дма/

 

Остани поврзан