• четврток, 25 април 2024

ОН: Светот го заборави конфликтот во Конго со седум милиони бегалци

ОН: Светот го заборави конфликтот во Конго со седум милиони бегалци

Гома, 17 април 2024 (МИА) – Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Волкер Турк денеска предупреди дека додека беснеат војни во Украина и во Појасот Газа, светот заборава на насилството што ескалира во источно Конго и во други делови од светот.

За време на посетата на регионот во Централна Африка, Турк рече дека мнозинството бегалци се жени и деца кои бегаат од бомбите и пукотниците од околните планини.

Вкупниот број на раселени лица во таа област е околу седум милиони и помошта е недостапна за многумина.

Во тој регион на Конго, повеќе од 120 вооружени групи се обидуваат да воспостават моќ во областа богата со минерали, која е погодена од децении крвопролевање, или едноставно да ги заштитат своите локални заедници.

Во последните месеци, стотици илјади луѓе избегаа од источно Конго, што е една од најголемите хуманитарни кризи во светот, која, според Турк, „мора да се сфати многу сериозно“ за да се избегне понатамошно влошување.

Турк денеска се сретна со раселените луѓе во градот Буленго кај Гома, најголемиот град на истокот на Конго, каде ги има најмногу, но тоа место е сè позагрозено од борбите во областа.

Се интензивираат борбите меѓу конгоанските безбедносни сили и бунтовничката група М23, која се смета за најсилна во тој регион на Конго и наводно е поврзана со соседна Руанда.

Само од март годинава во нападите на борците М23 се раселени најмалку 165.000 луѓе, повеќето од нив во Гома, град со два милиони жители, кој и претходно беше пренатрупан и слаб со ресурси.

Дел од населението е луто што хуманитарната помош бавно пристигнува, ако воопшто пристигне, и покрај посетите како онаа на Турк и повиците за подобрување на ситуацијата. јт/

Остани поврзан