• петок, 22 ноември 2024

Почнува караванот „Гласна и Храбра“ за зајакнување на позицијата на жените

Почнува караванот „Гласна  и Храбра“ за зајакнување на позицијата на жените

Скопје, 1 март 2023 (МИА) - Во организација на Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на ОН Жени, денеска се оддржа конференцијата „Жени во политика - Говор на омраза, сенка која обесхрабрува“, која воедно е и најава за караванот „Гласна  и Храбра“ кој од денеска започнува и има за цел зајакнување на жените.

Во воведниот дел беше прикажано и видео со пораки против говорот на омраза од жени од различни политички партии, жени во политиката.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска потенцира дека коментарите кои ги исмејуваат, навредуваат, омаловажуваат и деградираат жените, најчесто политичарките, прикажувајќи ги како сексуален објект, не го повредува само достоинството и психичкиот мир на жените, туку, како што рече, тоа всадува страв, поттикнува нетрпеливост и ги демотивира младите жени да се вклучат во политиката. Таа посочи дека најексплицитен одговор на ваквите закани е ратификацијата на  Истанбулската конвенција.

-Секоја жена, вклучувајќи се и себеси може да биде жртва на говор на омраза, но тоа не смее да  не поколеба во нашата животна определба преку политиката да градиме поквалитетен живот за сите граѓани.  Исто така ќе споделам со вас мој личен заклучок дека секогаш кога поддржувам прогресивна идеа, реформски политики толку повеќе говорот на омраза е посуров и атакот врз мене бил посилен. Тоа мене не ме обесхрабрило туку напротив ми било потврда дека сум на вистинскиот пат. Но, некои жени говорот на омраза ги демотивира, а за некои е ветер во грб, порача Тренчевска.

Таа потенцира дека Министерството за труд и социјална политика како надлежно министерство континуирано работи на креирање на политики, стратегии и закони кои директно се насочени кон унапредувањето на родовата еднаквост.

-Во овој контекст, Стратегијата за родова еднаквост 2022– 2027 е основен стратешки документ чија визија е постигнување родова еднаквост во општество како услов за целокупен и одржлив економски, социјален развој и напредок на земјата. Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за обештетување на жртвите од насилство, Кривичниот законик се правната рамка која превенира, заштитува и санкционира било каков облик на насилство врз жените вклучително и говорот на омраза, рече Тренчевска.

Амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје истакна дека учеството на жените во политиката и воопшто во општествениот живот придонесува за подобар квалитет на животот и поуспешно општество.

-Во Собранието на Северна Македонија, има 51 пратеничка од вкупно 120, а во локалната власт вклученоста на жените е 36 отсто. Во Германија, имаме помало учество на жените во политиката. Ова се подобри бројки, поради родовата квота воведена во Изборниот законик. Сепак, тажната реалност е дека само неколку жени стигнуваат до врвот, бидејќи се обесхрабрени да ја продолжат својата кариера во политиката. Оваа земја никогаш немала претседателка или премиерка. Ајде да го промениме ова!, рече амбасадорот Вал.

Според Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија, кога жените и девојките се активни членови на инклузивно општество, тогаш придобивки има целото општество.

-Кога никој не е оставен зад себе, целото општество напредува. Тоа е толку едноставно. Клучен чекор во постигнувањето е да се осигураме дека жените секогаш се дел од процесите на донесување одлуки и дека секогаш се чувствуваат безбедно и заштитено.Жените во политиката имаат неизмерно моќен капацитет да влијаат на целото општество и сигурна сум дека штом ќе почнеме да гледаме вистинска родова еднаквост на политичката сцена во оваа земја, таа наскоро ќе се прошири во сите други сектори, во сите ниши од нашите животи, рече Дуџак.

Министерката за обрана Славјанка Петровска го сподели своето лично искуство на родова дискриминација, поддршката од блиските, но и нејзиниот одговор на личните навреди и напади веднаш по стапувањето на функција министерка за одбрана.

-Залудно почнуваат борба против било која жена затоа што ние сме истрајни, ама сме уште посилни кога сме нападнати и веројатно една од причините поради која денеска уште седам како министерка за одбрана и покрај сите напади на кои што јас се соочив, а сите вие бевте сведоци е токму поддршката која што ја добив пред се од моите пријатели, пријателки. Мојата порака е многу јасна: Со говор на омраза не се служат луѓе кои имаат капацитет да создадат дела - се служат луѓе кои го немаат тој капацитет и на кој не им останува ништо друго туку да бидат демотивирачки настроени и да сакаат да ги запрат оние тргнале да го променат светот на подобро, рече Петровска.

-Ако најубавите стихови, ако најубавите зборови, најубавите композиции биле напишани, создадени за жена, тогаш се прашувате кои се тие жени, какви се тие музи? Ако ги прочитате пак, статусите на социјалните мрежи, каде жената наместо муза е мета, се прашувате кои се тие мажи, какви се тоа мажи ? И сė додека родово обоените зборови се лесно изговорливи, не очекувам многумина да разберат дека секој човек има подеднакво право на избор.  И културата и уметноста не биле подеднакво достапни за жените низ вековите. Многу жени твореле под машки имиња. Но, не се смениле времињата, туку се разгорела свеста кај жените дека и тие имаат достојна вредност за да станат дел и да остават трага во културата и во уметноста. Исто и во политиката. Ако, како што се вели, политиката постои откако постои и човештвото, дури во минатиот, 20-ти век, жените се изборија да бидат гласот во неа, а потоа и дел од неа, беа дел од пораките во обраќањето на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Исмаил Камбери, претседател на Комисијата за спречување истакна дека во моментот Комисијата нема многу претставки за заштита од дискриминација од страна на жени во политиката, но ги охрабрува сите во било кој момент да достават претставки.

-Комисијата активно работи и има склучено меморандуми за соработка во однос на говорот на омраза и вознемирувачкиот говор во традиционалните медиуми со релевантните чинители и институциите за контрола. Дополнително, Комисијата секоја година спроведува превентивни активности за превенција на вознемирувачки говор, рече Камбери.

Фото: МИА/ МТСП

 

Остани поврзан