Мицкоски: Не добив само реизбор, денес победи идејата за патот што го трасираме за Македонија
- Не добив само реизбор како претседател на ВМРО-ДПМНЕ туку денеска победи идејата. Победи патот што го трасираме за Македонија. Честа е голема и обврската и долгот кон доделената задача уште поголема, истакна Христијан Мицкоски откако попладнево на партискиот конгрес што се одржува во Кавадарци беше реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје, 6 декември 2025 (МИА) – Не добив само реизбор како претседател на ВМРО-ДПМНЕ туку денеска победи идејата. Победи патот што го трасираме за Македонија. Честа е голема и обврската и долгот кон доделената задача уште поголема, истакна Христијан Мицкоски откако попладнево на партискиот конгрес што се одржува во Кавадарци беше реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече пред делегатите на конгресот, „се потврди и недвосмислено зајакна решителноста да излеземе од кругот на стравот, поделбите, ниските амбиции и политичките навики што ја влечеа државата назад“.
- Ви благодарам за довербата. Ова не е лесен товар, но е товар што го прифаќам со мир. Со мир затоа што знам дека не го носам сам, рече Мицкоски нагласувајќи дека конгресот е важен и поради усвојувањето на стратегијата и доктрината со кои, рече, „создадовме нешто повеќе од политички документи – создадовме национален патоказ“.
- Донесовме документи кои се иднината на оваа партија и кои треба да ја обноват вербата во политиката и да покажат дека со стратегија и план резултатите се на дофат и иднината е гарантирана, истакна Мицкоски.
Како што рече, „Македонија премногу долго беше научена да се гледа себе низ очите на другите и според туѓи очекувања, а тој отсекогаш сакал да знае како ќе изгледа Македонија кога ќе почне да верува во себе?“ Доктрината и стратегијата, рече, се завет пред нацијата да се дојде до верзијата на Македонија со која таа „ќе нема комплекс на мала земја, туку достоинство на стара цивилизација“.
- Верзијата што не се извинува за своето постоење, што знае што сака и оди по тоа со трпение, дисциплина и визија. За мене ВМРО-ДПМНЕ секогаш било една голема идеја, но и емоција која ги содржи сите наши историски пориви врзани со нашата татковина. Ви благодарам за доделената доверба. Ви се поклонувам на вашата решеност, лојалност и огромна доверба. Имаме работа пред нас, истакна Мицкоски.
За Стратегијата и Доктрината на партијата рече дека се рамката што треба да ја стабилизира и европеизира државата и да ја направи конкурентна без да ја изгуби својата духовна вертикала.
Стратегијата 2025–2030 и Доктрината која, рече, ја подготвувале со месеци, платформа што треба да го дефинира животот на државата и развојот на партијата во следната деценија.
- Тоа не е обичен документ. Тоа е национален договор и рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала ... И јас ви ветувам – никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас, ниту Владата. Ниту кој било што ја носи одговорноста. Влегуваме во ново поглавје, со нови задачи каде што целта е да ги решиме најгорливите прашања за граѓаните. Ова е мандат во кој партијата мора да го вложи целиот свој потенцијал во изградба на систем кој е функционален и систем кој мора да им служи на граѓаните ... Најважната задача која пред себе ја имаме е да го подобриме животот на граѓаните. Свесен сум дека нашиот народ живее тешко. Ние изминатите нешто повеќе од година и половина ги посветивме на изградба на темели кои ги затекавме разрушени. Но, од годината што следи нашата основна задача е жилава борба за стандардот на граѓаните, истакна Мицкоски во обраќањето по повод реизборот за партиски лидер.
Кажа дека младите треба „да ја добијат вистинската шанса која нема да зависи од политичката или каква било друга припадност, освен од спствените капацитети и способности“. Мора да го подобриме, рече тој, образованието како најсигурен клуч за излез од сиромаштијата, да се раздвижи економијата дополнително и да се поддржат домашните компании „затоа што тие се ‘рбетот на стопанството“.
- Имаме тешка задача да се бориме против нашето исчезнување како држава и народ, а тоа е демографијата и намалениот наталитет. Радува последниот податок на раст на бројот на новороденчиња, но далеку сме од она што треба да биде вистински мотор на општеството, човечкиот фактор. И затоа треба да работиме на системски мерки и решенија, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Порача дека претстои работа и оти денес не зборуваат за четири години власт, туку за четириесет години иднина.
- Секој што ја предводи оваа партија мора да ја разбере вистината што често ја забораваме: Македонија не пропаѓала од слабости, туку од мали амбиции. Од политичари што мислеле за следниот говор, а не за следната генерација. Од влади што правеле пријатели, но не и институции. Од системи кои се одржувале на импровизација, а не на дисциплина. Затоа јас денес не зборувам само како партиски претседател, туку како човек што длабоко верува дека Македонија може да стане држава што ќе се изучува како успешен пример: како мала земја што исправено ја поминала кризата, што ги затворила старите рани, што создала нова политичка култура, што не се срами од својот идентитет, што покажа дека модерноста и традицијата можат да одат заедно. Нашата генерација мора да ја има храброста да гледа таму каде другите гледале само ограничувања. Мора да има визија да гради таму каде другите гледале непроодност, истакна Мицкоски.
Порача дека негова должност е да работи на остварувањето на визијата за стабилна и просперитена Македонија. Затоа во овој мој последен мандат, рече, нема да работи за да остане претседател туку за да создаде генерација што ќе биде подобра од него и најдобра за Македонија. хс/паг/
Фото: МИА