• сабота, 21 декември 2024

Одбележување 20 години Мехатроника на Машинскиот факултет - Скопје - УКИМ: Образовни реформи за посилна врска меѓу академската теорија и индустриската практика

Одбележување 20 години Мехатроника на Машинскиот факултет - Скопје  - УКИМ: Образовни реформи за посилна врска меѓу академската теорија и индустриската практика

Скопје, 1 октомври 2024

Продлабочување на соработката меѓу академијата, индустријата и државните институции за да се реформира образованието и да спречи одливот на таленти, кои се иднината на домашната индустрија. Ова беше темата на која се задржаа учесниците на панел-дискусиите организирани на конференцијата RE-MEMBER 2024 по повод одбележување на 20 години од студиската програма Мехатроника при Институтот за механика на Машинскиот факултет - Скопје во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Машинскиот факултет, паралелно со јубилејот на насоката Мехатроника, годинава одбележува 65 години  од основањето и 75 години постоење на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Деканот на Машинскиот факултет проф. д-р Златко Петрески рече дека посветеноста во  изминатите 65 години во комбинација со сето знаење и искуство успешно ги насочуваат младите до нивните експертски знаења. 

„Нашите студенти се иднината. Иновациите што ќе ги создадат ќе ги обликуваат индустриите, ќе ги променат животите и ќе го придвижат општеството напред. Веруваме во нивниот потенцијал и се радуваме на големите цели што ќе ги постигнат. Машинскиот факултет и во иднина ќе остане во тек со светските трендови кои се случуваат во науката и едукацијата во полето и областите кои се предмет на наш интерес. Ќе продолжиме посветено да работиме на создавање кадри кои ќе бидат способни да ја носат иднината на грбот на своите компетенции и знаења“, рече деканот проф. д-р Петрески.

За насоката Мехатроника, деканот проф. д-р Петрески дополни дека е дисциплина која, на многу начини, ја претставува суштината на модерното инженерство и е во сржта на некои од најзначајните достигнувања во автоматизацијата, роботиката, вештачката интелигенција и паметните системи кои ги обликуваат нашите животи.

„Најуспешните инженери се оние кои никогаш не престануваат да учат, кои остануваат љубопитни и кои се секогаш подготвени да се прилагодат и да се развиваат. Со брзиот развој на вештачката интелигенција, машинското учење и автономните системи, опсегот на она што може да го постигнеме преку мехатрониката продолжува да се шири. Идните инженери ќе мораат да ги измислуваат алатките неопходни за подобра иднина“, дополни деканот проф. д-р Петрески.

Учесниците на панел-дискусиите, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова, проф. д-р Кочо Анѓушев, редовен професор на МФС и сопственик и извршен директор на групацијата „Феро Инвест“  и м-р Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија“ се фокусираа на потребите и можностите за идниот раст и развој на факултетите и на македонската економија.

Според министерката Јаневска по 30-тина години развој со недоволен интензитет и по некоја реформа на високото образование, нужно е сериозно реобмислување на системот, при кое првиот клучен ефект што треба да го добиеме е усогласување со потребите на индустријата, иако како што рече, не помалку важни се и унапредувањето на истражувањето, развојот и зголемувањето на конкурентноста на домашната економија.

„Студентот треба да види вредност кога ќе го погледне универзитетскиот курикулум и професорите кои стојат зад него. Дали нашите универзитети, факултети, високи стручни школи, сите на број, тоа го нудат? Секако не и затоа прво тука треба да се интервенира – ако се почитува и сегашната регулатива, бројката на академски установи консеквентно ќе се намали и оние што ќе останат треба да нудат квалитет“, рече Јаневска.

Mинистерката потсети дека пред неколку дена беа промовирани два важни стратешки документа – национални програми за високо образование и за научно – истражувачка дејност. Тие, како што рече, ги нотираат предизвиците со кои треба да се соочиме за да го подобриме квалитетот на високото образование и да ја стимулираме науката.

„Меѓу другото, програмите се осврнуваат и на тоа како да ги стимулираме младите од Македонија кои студираат во странство или веќе работат таму, да придонесат за својата земја. Како да ги вратиме или да ги поврземе со бизнисот или академската заедница тука. Потребна е проактивност од сите чинители за да ги оствариме целите“, додаде Јаневска.

Ректорката на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Ангелова потенцира дека за Универзитетот се неопходни поголеми и значајни реформи кои треба да овозможат да го следи развојот што се случува во образовниот и во индустрискиот сектор, посочувајќи и дека еден од најголемите проблеми со кој се соочуваме како држава е „одливот на мозоци“.

„Иновациите го движат светот. Ги имаме талентите, знаењето и идеите, но иновацијата вреди само ако се комерцијализира. Нивото на соработка меѓу академијата, студентите и индустријата треба да се унапредува и зајакнува. Интересите се заеднички и подеднакво важни за засегнатите страни и затоа треба да се работи да се развиваат сите форми кои таа соработка може да ги има. На техничките факултети имаме одлични примери за пофалба како соработка меѓу универзитетот и стопанството. Формите на соработка може да бидат мерливи и соодветно да се насочуваат во развојот со цел да се прошират. Наша цел е да ја зајакнеме синергијата меѓу иновативните бизниси и нашата академија“, вели ректорката Ангелова.

За постојниот јаз меѓу факултетите и индустријата проф. д-р Кочо Анѓушев рече дека има многу што да се направи за да се одговори на потребите на државата, економијата и општеството.

„Мора да се земе предвид дека стопанството денес не е истото кое што беше пред 30 или 40 години. Индустријата има потреба од друг тип кадри и одговори. Затоа и факултетите треба да продуцираат кадри на друг начин и со друг пристап, кој одговара на економијата денес. Можеби е добро на факултет, уште после прва година, да се прави насочување на студентите во два правци: инженери кои сакаат да работат во академија, на факултет, во наука и инженери кои сакаат да работат апликативно машинство, односно кои сакаат да работат во индустријата. Така и двете групи подобро ќе се спремат за работните обврски во иднина. Исто така, потребна е државна интервенција на пропишување број на кадри кои можат да се запишат на факултетите, согласно потребите на државата и општеството. Сега се помалку има запишани студенти на градежен факултет, на архитектура, металургија итн. Не може сите млади луѓе да бидат информатичари како што е сега мода и посакувана професија, затоа што државата за да функционира има потреба од стручни кадри во сите сфери“, рече проф. д-р Анѓушев.

Во однос на тоа како во КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА, како странска инвестиција, гледаат на реформите за посилна врска помеѓу академската теорија и индустриската практика, се надоврза Виктор Мизо.

“KОСТАЛ МАКЕДОНИЈА како социјално одговорна компанија, како компнаија која исто така има интерес да вработува млади завршени стручни кадри од техничките факултети,  живо е заинтересирана истите да ги поседуваат потребните стручни знаења, но и меките вештини кои се неопходни за работа во една современа интернационална компанија, независно дали станува збор за напредна работа со софтверски пакети или пак вештини на презентација или вештини на управување со проекти. Како компанија која инвестира во развојот во Македонија, и досега низ различни форми се обидува да ги приближи или “оживее” стекнатите теоретски знаења на студентите во реалното производно опкружување, и тоа преку летни студентски пракси, програми за млади, штотуку дипломирани студенти, односно преку различни форми на донација со цел осовременување на теоретската настава. Моето размислување е дека сите студенти на техничките факултети би требало, после завршување на втората и третата студиска година да поминат најмалку 8 до 10 недели на задолжителна летна пракса во компаниите, токму како што тоа се прави на Запад. Ова е најдоброто интервју за работа, каде што обете страни се сосема сигурни дека го направиле вистинскиот избор, студентот дека ја избрал најдобрата компанија во која може да работи, а компанијата дека го избрала вистинскиот кадар за отворените работни позиции кај неа”, рече Мизо. 

Машински факултет Скопје - УКИМ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан