• петок, 22 ноември 2024

Обновувањето на шумите и пошумувањето од суштествено значење за справување со предизвиците од климатските промени

Обновувањето на шумите и пошумувањето од суштествено значење за справување со предизвиците од климатските промени

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - Шумите не се само дрво, шумите се за луѓето. Покрај како стопанска гранка, обновувањето на шумите и пошумувањето се од суштествено значење и за справување со предизвиците од климатските промени. Во Република Северна Македонија според последните статистички податоци во 2021 година под шуми има површина од 1.049.000 хектари, а 63,4 проценти од неа се ниско стеблести и деградирани шуми, на коишто им треба обнова.

Ова беше истакнато на првата министерска конференција за шумарство „Најдобри практики и иксуства во обновувањето на шумите“ што започна денеска во Скопје, чиј домаќин е министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, а на која учествуваат министрите за земјоделство на Црна Гора, Албанија, Косово и Бугарија, бројни експерти и професори во областа на шумарството од земјава и регионот. 

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на отворањето на форумот истакна дека шумите се наше национално богатство, но и регионално богатство за нас и за следните генерации. Процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ подразбира усогласување на националните политики, стратегии и законодавство со политиките, стратегиите и акито на ЕУ поврзани со шумите и шумарството. Токму затоа, а и имајќи го во предвид многукратното значење на шумите тие се вклучени во повеќе национални стратешки документи, меѓу нив е и новата Национална стратегија за земјоделство и рурален развој која што е подготвена во 2021 година и која обезбедува можност за финансиска поддршка и на мерките поврзани со шумарството и шумарството во контекстот на руралниот развој. 

-Целта на Владата на Република Северна Македонија е преку одржливо стопанисување со шумите, да го зголеми придонесот на шумарскиот сектор во националната економија и во руралниот развој, обезбедувајќи обновливи ресурси и заштита на локалната и глобалната животна средина, со што ќе обезбеди подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани, подвлече Битиќи.

Министерот Николовски во воведното обраќање истакна дека целта на оваа конференција, е токму во таа насока, заеднички да ја зајакнеме улогата на шумарскиот сектор, зајакнувајќи го неговиот придонес во националната економија преку подобрен мониторинг и планска обнова на шумите, како и зајакнување на руралниот развој.

-Како министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата на Северна Македонија, зелената транзиција, зачувувањето и развивањето на шумите ги имаме поставено високо меѓу нашите пет клучни приоритети. Посветено работиме во унапредувањето и заштитата на македонските шуми, потоа развојот на руралните средини и заштита на животната средина, рече Николовски.

Преку програмата за проширена репородукција на шумите, како Министерство, нагласи тој, јасно си поставуваме насоки за планско пошумување на голини, ерозивни земјишта и санирање на опожарени шумски предели. Преку оваа програма минатата година засадени биле над 400.000 садници на повеќе предели низ државата, додека за оваа 2023 година, додаде, е предвидено засадување на 1.200.000 садници.  

Набил Ганги, одговорен за Регионалната канцеларија на ФАО, заменик регионален претставник за Европа и Централна Азија и шеф на Канцеларијата на ФАО во земјава, потенцира дека се силно посветени на поддршката кон Владата на РСМ, како и сите останати засегнати страни и партнери во државата, за соработката во заедничкото градење на националните капацитети на шумарскиот сектор.  

-Кога се соочуваме со влијанието на климатските промени, шумските пожари и деградацијата на шумите Северна Македонија и поширокиот регион, како и најголемите дел од земјите во светот се наоѓаат себеси во неопходна потреба да ги зајакнат своите капацитети за реставрација на шумите. Сме виделе шумски пожари коишто навистина во ужасни размери ги опустошуваат пределите од Канада до Турција, од Алжир до Франција, што значи дека сите земји треба да бидат засилени и зајакнати со своите национални капацитети со цел да можеме да се справиме со овие шумски пожари, а да им одговориме на потребите на нивните заедници и жители, рече Ганги.  

Проф. д-р Македонска Стојановска, продекан на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и коинжинеринг нагласи дека темата за шумите и шумарството и нивното значење никогаш не била поставена на толку високо политичко ниво. Наспроти традиционалниот, таа го нагласи значењето на модерниот, холистички пристап којшто ги гледа сите бенефити коишто ги дава просторот на којшто расте шумата.  

-Значителни средства се издвојуваат од владини буџети, од мултилатерални агенции, од филантропски организации, се со цел да се подобри квалитетот на шумите да имаме што повеќе површини под шуми и да си ја подобриме средината или околината во која што живееме, вели таа.  

Шумите, рече Стојановска, не се само дрво, тие се неопходни за луѓето, бидејќи шумата е и климата, оти секаде онаму каде што има шума има недостаток од јаглерод диоксид. Шумите претставуваат резервоар за јаглерод диоксидот. 

-Во последно време почнува да се обрнува внимание за шумите и можноста за нови вработувања, за зелени работни места. Шумите и егзистенцијата и приходите на милиони луѓе ширум светот. Шумарството како стопанска гранка е многу широка. Да заборавиме да го гледаме само просторот со дрва, туку да ја гледаме многу сеопфатно, порача проф. Стојановска.  

Во рамки на конференцијата се одржува министерска тркалезена маса со учество на Владимир Јоковиќ вицепремиер и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на Црна Гора, Анила Денај, министерка за земјоделство и рурален развој на Албанија, Фатон Пеци, министер за земјоделство, шумарство и рурален развој на Косово и Мирослав Маринов заменик министер за земјоделство и храна на Бугарија. Темата е обновувањето на шумите и пошумувањето како стратегии за справување со предизвиците од климатските промени во нашиот регион.

Конференмцијата е организирана од МЗШВ со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) и во соработка со Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“.вг/ев/

Фото: МИА/МЗШВ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан