• вторник, 14 мај 2024

Обнова на дел од ул. „Бутелска“ со 14,5 милиони денари од Град Скопје

Обнова на дел од ул. „Бутелска“ со 14,5 милиони денари од Град Скопје
Скопје, 6 септември 2022 (МИА) - Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски денеска го означија почетокот на градежните работи за реконструкција на дел од улицата „Бутелска“.
Град Скопје за реконструкција на „Бутелска“ ќе вложи 14,5 милиони денари со ДДВ, при што, според Арсовска, за реализација на овој проект постигнато е намалување на цената со електронска јавна аукција и заштеда од над 40 отсто од проценетата вредност на проектот.
- Улицата „Бутелска“ е најпрометната улица во општина Бутел и е во исклучително лоша состојба. Нејзината обнова е значајна за повеќе од 25.000 граѓани кои транзитираат низ општината, како и за поврзување на населените места. Со овој проект се реконструира улицата „Бутелска“ на потегот од крстосницата со улицата „Александар Урдаревски“ до надпатникот на државниот пат А2 пред населбата Радишани. Во текот на градежните работи на улицата Бутелска се нанесува нов асфалт на површина од 7.687 квадратни метри. Обновата на коловозот на улицата Бутелска пред се ќе ја зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, а ќе овозможи и подобар проток на возилата, рече Арсовска.
Таа информира дека од почнувањето на градежните работи на улицата „Скоевска“ во населба Радишани, која не е реконструирана повеќе од четири децении, реконструкцијата на овој дел од улицата „Бутелска“ е втор поголем проект од ваков тип во општината Бутел за неполн месец. Најави дека Град Скопје во оваа општина ќе продолжи и со креирање нови зелени површини, како и реконструкција на улицата „Радишанска“.
Градоначалникот на Општина Бутел Костовски ја нагласи добрата соработка со Град Скопје во реализацијата на значајни проекти за граѓаните.
- Со реконструкцијата на овој дел од улицата „Бутелска“ решаваме едно барање на граѓаните од овој дел од општината и го олеснуваме функционирањето и движењето на жителите, но и на сите оние што се упатуваат кон надпатникот на државниот пат А2 пред населбата Радишани. Безбедноста на граѓаните за нас е од исклучително значење, па во таа насока продолжуваме да работиме на нови проекти, рече Костовски. мд/лв/

 

Остани поврзан