• петок, 06 септември 2024

Нуклеарниот реактор во Фламанвил еден ден по стартувањето автоматски се исклучи

Нуклеарниот реактор во Фламанвил еден ден по стартувањето автоматски се исклучи

Париз, 5 септември 2024 (МИА) – Француската енергетска компанија ЕДФ денеска соопшти дека ја проверува состојбата на новиот нуклеарен реактор Фламанвил, кој автоматски се исклучи само еден ден по неговото стартување.

- Тимовите на ЕДФ го стартуваа европскиот реактор под притисок (ЕПР) на 3 септември, но тој автоматски се исклучи следното утро. Првите наоди од техничката дијагноза водат до заклучок дека инцидентот може да е поврзан со неправилна конфигурација на инсталацијата. Реакторот поминува низ долг и сложен процес на стартување кој бара бројни испитувања и тестови и понекогаш може да активира (автоматско) исклучување, изјави портпаролката на ЕДФ.

Најновиот реактор на ЕДФ требаше да биде модел за новата генерација електрани што ги предвидува претседателот Емануел Макрон во наредните децении. Тој беше завршен со 12 години задоцнување по цена од 13,2 милијарди евра, приближно четирипати повеќе од планираното. Истите модели на реактор веќе се пуштени во употреба во Кина и во Финска.

Нуклеарниот реактор и во Финска имаше неколку дефекти, особено поврзани со хидраулични пумпи кои беа неисправни и требаше да се заменат.

- Нуклеарната централа во Фламанвил постепено ќе го зголемува производството до 25 отсто од капацитетот, а потоа ќе биде поврзана на мрежата до крајот на есента, соопшти ЕДФ.

Реакторот има капацитет од 1.600 мегавати и ќе биде најголемиот производител на електрична енергија во Франција, снабдувајќи со електрична енергија околу три милиони домаќинства. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан