• петок, 22 ноември 2024

Новиот командант на украинската армија ветува нов пристап во војната со Русија

Новиот командант на украинската армија ветува нов пристап во војната со Русија

Киев, 10 февруари 2024 (МИА) - Новоименуваниот врховен командант на украинската војска Олександр Сирски изјави дека вооружените сили мора да најдат нови начини за борба за да ги поразат руските напаѓачи.

Во своите први јавни изјави откако ја презеде командата со 800.000 украински војници, Сирски се фокусираше на беспилотни летала и електронско војување како примери за користење на нова технологија за да се постигне победа.

Тој посочи и дека една од првите цели е да се подобри ротацијата на војниците од линијата на фронтот, пренесува Радио Слободна Европа.

Се чини дека неговите изјави се во согласност со целите на украинскиот претседател Володимир Зеленски да внесе новини во вооружените сили и да прифати нов пристап во војната по реконструкцијата на военото раководство.

Назначувањето на Сирски на највисоката воена функција доаѓа во време на предизвици за Украина, која се уште не знае дали ќе добие дополнителна воена помош од Соединетите Американски Држави.

Во меѓувреме, двопартиска делегација на членови на американскиот Конгрес вчера имаше средба со Зеленски за да го увери дека ќе направат се што е во нивна моќ за во Претставничкиот дом да се усвои клучниот закон за воена помош.

Делегацијата се состоеше од четворица членови на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом: републиканците Мајк Тарнер и Френч Хил, заедно со демократите Џејсон Кроу и Абигејл Спанбергер. ссм/

фото: ЕПА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан