• среда, 04 септември 2024

Нова веб платформа на „Макам-транс“ за навремено информирање и ефикасно работење

Нова веб платформа на „Макам-транс“ за навремено информирање и ефикасно работење

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) - Асоцијацијата „Макам-транс“ ја пушти во употреба новата веб платформа https://www.makamtrans.org.mk/ која преку збогатена содржина и подобрени функционалности има за цел да им овозможи навремено, побрзо и поефикасно информирање и функционирање на своите членки со цел одржување на тековна ликвидност во работењето. Дополнително, платформата нуди и можност за анонимно пријавување на неправилности (мито и корупција) и мигранти, што се очекува да придонесе кон намалување на незаконските дејства на граничните премини и главните транспортни коридори, како во земјата, така и во регионот.

Со цел поголем опфат на превозници, оваа алатка е достапна на повеќе јазици: македонски, англиски, албански, српски и хрватски јазик.             

Од  „Макам-транс“ посочуваат дека веб платформата нуди информации на сите засегнати страни од секторот за својата дејност како и пристап за членство.

На своите постоечки членки им нуди и информации за примена или промена на закони, подзаконски акти, регулативи, директиви, конвенции, резолуции и спогодби, забрани за движење, состојба на патиштата, како во  земјата, така и од државите во Европа; примери на успешно решени случаи по држави за изречени прекршоци или спроведени судски постапки, како реални примери за начин на заштита на правата на сите превозници -членки во асоцијацијата; анализа на цените на нафтени деривати и данокот на додадена вредност (ДДВ) од нафтени деривати по држави; алатка за информирање/интерактивна мапа со држави од Европа со информации за цени на нафтени деривати (погонско гориво), како и можност да се направи прелиминарна пресметка за враќање на ДДВ, особено при формирање на цени за превоз согласно маршрутата по која би се движело возилото при извршување на конкретен превоз. 

Новата веб платформа на Асоцијацијата Макам-транс со нови подобрени функционалности, алатки и можности е поддржана во рамките на УСАИД проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“, спроведуван од Консалтинг за стратешки развој. Оваа соработка, придонесува за олеснување на националните бариери за трговија, интеграција во Западните маркети и намалување на сивата економија.са/

Фото: принтскрин

Остани поврзан