• сабота, 21 декември 2024

Муртезани: Подготвени сме за суштински дијалог со Бугарија 

Муртезани: Подготвени сме за суштински дијалог со Бугарија 

Брисел, 4 септември 2024 (МИА) – Како Влада сме спремни за суштински дијалог со Бугарија, кој треба да заврши со надминување на пречките на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, притоа заштитувајќи ги интересите на двете земји, изјави денеска во Брисел министерот за европски прашања Орхан по средбата со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји. 

- Го информирав комесарот Вархеји за приоритетите на Владата, како и дека европската интеграција на Република Северна Македонија е меѓу клучните приоритети на земјата. Еврокомесарот ме информираше дека Европската комисија и институциите на Европската Унија ја поздравуваат заложбата на Владата, особено во брзината со која беше обработена и имплементирана реформската агенда, која јас лично ја сметам како една од најголемите достигнувања на првите сто дена на Владата, изјави Муртезани за МИА. 

На средбата станало збор и за предизвиците и пречките на пат на земјата кон полноправно членство во Европската унија, вклучително и за уставните измени. 

- Тоа што е битно во моментот е што Европската Унија стои силно зад Република Северна Македонија во можноста за изнаоѓање начин за надминување на овој спор. Го информирав комесарот дека како Влада сме спремни за суштински дијалог со нашиот сосед Република Бугарија, дијалог којшто сметаме дека е неопходен и кој треба да заврши со надминување на овој проблем, притоа заштитувајќи ги интересите на двете земји, додаде Муртезани. 

Муртезани и Вархеји разговарале и за имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан, во чии рамки се предвидени и средства за земјите од регионот за зајакнување на економските капацитети и за спроведување на целни реформи утврдени со реформската агенда. 

- Станува збор за една реформска агенда која што прво да ги подготви нашите институции и државата за полноправно членство во Европската Унија, меѓутоа и да направи одредена динамизација, односно зајакнување на економските капацитети на земјата, нагласи министерот за европски прашања. 

Тој потсети дека станува збор за финансиска рамка од 750 милиони евра предвидени за земјава, од кои 250 милиони во форма на грантови и 500 милиони позајмици под поволни услови за реализација на конкретни проекти и за спроведување на реформите.

- Имајќи предвид дека реформската агенда моментно чека да биде одобрена од Европската комисија, односно ИПА Комитетот, ако тоа се заврши до крај на месецот, ни останува нам во Собранието да ги ратификуваме Договорот за заем и за Инструментот за раст и реформи, по што ќе следи експресна исплата на првата транша. Според наши проценки, можно е тоа да се случи во октомври или почетокот на ноември, потенцира Муртезани. 

Покрај со Вархеји, за време на дводневната работна посета на Муртезани на Брисел, што започна денеска, предвидени се и негови средби со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино, со генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата (ГД НЕАР), Герт Јан Копман, со директорката за Западен Балкан во ГД НЕАР, Валентина Суперти, со раководителката на Одделот за Албанија и Северна Македонија при ГД НЕАР, Сигрит Бретел, со постојаниот претставник на Унгарија во ЕУ, амбасадорот Балинт Одор, чија земја е актуелен претседавач со Унијата, како и со европратеникот Илхан Ќучук, кој во претходниот состав на Европскиот парламент беше известувач на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) за земјава. сп/са/

Фото/видео: МИА

Остани поврзан