• петок, 22 ноември 2024

ИДСЦС: Нема голем прогрес на Западен Балкан за заедничкиот регионален пазар и зелената агенда

ИДСЦС: Нема голем прогрес на Западен Балкан за заедничкиот регионален пазар и зелената агенда

Скопје, 4 септември 2024 (МИА) - По четири години од преземените акциски планови од страна на владите во Берлинскиот процес околу делот на заедничкиот регионален пазар и зелената агенда, прогресот не е голем. Се уште најголемото достигнување е слободниот роаминг којшто го постивнавме за земјите од Западен Балкан која е реална придобивка, меѓутоа далеку е од тоа дека е доволно и доволен аргумент да се каже дека е направен прогрес. Ова беше констатирано  на денашната презентација на извештаите од набљудувањето на акциските планови за Заеднички регионален пазар и Зелена агенда од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), што се одржа во Собранието.

Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија - ИДСЦС истакна дека од сите шест земји од Западен Балкан во Берлинскиот процес (Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово), БиХ е најголем проблем во имплементацијата на овие договори. Потенцира дека Северна Македонија е на релативно солидно ниво.

-Волјата на државите е делумно тука, но и делумно е проблем бидејќи билатералните спорови особено помеѓу Србија и Косово, но тука е делумно и Босна вклучена исто така ги оневозможуваат овие заеднички придобивки да се постигнат, бидејќи мора да се носат на консензуално ниво, да бидат прифатени од сите за да функционираат за сите. Уште еден индикатор, како владите се фокусираат само на проблемите наместо да се фокусираат и за решенијата коишто се од заеднички интерес за сите нас. Тука се и зелените ленти, односно појасите на граничните премини кои треба да овозможат непречен проток на камиони, тука се дипломите, мобилноста, дигитализацијата, процесите на декарбонизација на нашата економија којшто е многу важен бидејќи не се само здравата животна средина. Почва, вода, воздух итн., придобивки од декарбонизацијата, туку и реално нашата економска активност, економскиот сегмент ќе страда бидејќи странските инвеститори се пенализирани внатре во своите земји доколку своите производи ги создаваат преку нечиста енергија која што кај нас доминира итн, рече Трошановски. 

Потенцираше дека импликациите се многу и оти Владите треба да ги надминат. -Гледам онака ги игнорираат билатералните несогласувања за теми за кои што неспорно постои заеднички консензус дека на сите ќе ни бидат од корист, рече Трошановски.

Ана Марија Велиновска, истражувачка од  ИДСЦС во однос на Акциските планови за заедничкиот регионален пазар и зелена агенда донесени во 2021 година и завршува годинава, нагласи дека се работи за една затворена целина каде што поголем дел од активностите во аспект на дигитална поврзаност и инфраструктура се завршени. Меѓутоа, укажа, недостасува имплементација на некои други клучни аспекти од аспект на развивање на дигитални вештини особено кај маргилизирани групи и сајбер безбедност особено кај јавната администрација. 

Таа потенцира дека во регионално истражување направено од Регионалниот центар за соработка за Македонија се вели дека вештините во однос на сајбер безбедност и заштита на приватни податоци кај јавната администрација сериозно недостигаат. Меѓутоа, како што рече, напредокот е делумно сличен како кај сите земји од Западен Балкан. Потенцира дека во текот на следниот Самит на Берлинскиот процес се очекува да се донесе новиот Акциски план за заеднички регионален пазар кој ќе ги опфати наредните пет години и ќе биде врз основа на тоа што досега е сработено и надоградба со нови активности.

Околу Акцискиот план за зелената агенда донесен во 2021 година со времетраење од десет години, Велиновска истакна дека и во овој дел не можеме да очекуваме преголема имплементација.

-Моментално сме на пола и нивото на имплементација на носење на законодавство. Акцентот е ставен на Законот за климатска акција кој веќе две години е во процес на носење и рокот за донесување на овој закон е до 2024 година. Тој треба да опфати неколку клучни регулативи, подзаконски акти кои што ќе опфатат намалување на емисии, остварување на целите кои сме ги поставиле до 2030 година – тоа е 51 процент намалување на стакленички гасови. Релативно сите земји од Западен Балкан се до некаде во слична положба. Моментално, за зелена агенда се работи на донесување на законодавството, рече Велиновска.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши во  обраќање истакна дека парламентарната димензија е од клучно значење за обезбедување демократска контрола, транспарентност и отчетност во спроведувањето на проектите што произлегуваат од Берлинскиот процес. Потенцира дека реализацијата на оваа платформа, поттикната и поддржана од нашите европски партнери, донесе низа придобивки за земјите од Западен Балкан и за регионот во целина, посебно во клучните области – економија, политика и безабедност, социјална заштита и екологија, за што говорат повеќе мониторинг извештаи.

-Парламентите во сите шест држави од Берлинскиот процес (Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово) се вистинските места за дискусија за заедничките предизвици и за можните решенија. За надградување на билатералната и регионалната соработка, за вклучување на граѓанското општество во процесите, за промоција на агендата за интеграција и за афирмација на придобивките и на важноста од пристапувањето во ЕУ. Во изминатата деценија, се нотирани повеќе успеси, постигнати договори и конкретни проекти во различни сфери во рамки на Берлинскиот процес. Но, дополнителна вредност во таа насока треба да биде унапредувањето на парламентарната соработка на регионално ниво, вклучително и соработката со пратениците од Европскиот парламент и од националните парламенти на земјите членки на ЕУ. Со тоа ќе се придонесе за размена на идеи и искуства и за подигање на квалитетот на законските решенија што произлегуваат од склучените договори, како и за зајакнување на надзорната улога на пратениците при спроведувањето на донесените закони, рече Гаши.

Германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер нагласи дека Берлинскиот процес не е алтернатива за членство во ЕУ, туку двигател кој што ќе овозможи побрзо и поконкретни чекори кон интеграција во европската интеграција, што всушност и претставува и крајна цел.

Без разлика на сите политички промени, посочи амбасадорката, посветеноста на сите наши земји кон Берлинскиот процес е нешто што постојано опстојува и основен фактор на оваа заложба и одлучувачки фактор за успехот на оваа иницијатива е вклученоста на националните Парламенти. Парламентарниот дијалог во рамките на Берлинскиот процес овозможува уникатна платформа преку која се останува поврзани без разлика на промени на персоналот, уште повеќе овозможува годишни средби на кои се покренуваат идеи и се донесуваат одлуки. Исто така, овозможува и да се погледне што било направено, како и да проникнуваат нови идеи и да се придвижуваат понатаму.Уште една причина зошто опстојува Берлинскиот процес, според неа, е позитивните промени и резултатите кои тој ги овозможува, освен што има директно позитивно влијание врз граѓаните  во смисла на мобилност и економски можности, добро е да се спомне дека промената не се случува преку ноќ и затоа така се менува овој процес, рече Дрекслер.фф/лв/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Остани поврзан