• понеделник, 23 декември 2024

НИКС придонесува за целосна дигитализација на системот за управување со кризи

НИКС придонесува за целосна дигитализација на системот за управување со кризи
Скопје, 3 јануари 2021 (МИА) - Владата во јуни 2019 година донесе одлука со која Системот за управување со инциденти на следната генерација (Next-Generation Incident Command System) или скратено НИКС е задолжителна алатка за имплементација за сите институции коишто се дел од системот за управување со кризи. Освен Центарот за управување со кризи, тука спаѓаат Министерството за внатрешни ранботи, Министерството за одбрана, Армијата, Министерството за надворешни работи, Министерството за транспорт и врски, противпожарните единици, итната медицинска помош... Пандемијата го забрза процесот на координација на македонските институции во справување со кризни состојби, во согласност со НАТО-стандардите, а за подготвеноста на нашите институции да дејствуваат на ваков начин, притоа користејќи ја софистицираната софтверска алатка НИКС, МИА разговараше со Урим Вејсели од ЦУК. Тие институции, како што појаснува Вејсели за МИА, се first responders или оние што први одговараат и според Законот за управување со кризи се дел од Управувачкиот комитет, Групата за процена и Главниот штаб. Во првиот дел посветен на НИКС системот, говоревме за пристигнувањето на НИКС во земјава, прилагодувањата кои се направени за наши потребни, но и воопшто за системот и неговата употреба во други држави. Досега 1 060 претставници на институциите ја поминале основната обука на ЦУК, обуки и во Лабораторијата за кризен менамент на Воената академија За да се унапредат капацитетите на вклучените институции за примена на овој систем, НИКС тимот од ЦУК спровел основна обука за претставниците од споменатите институции. - И она што е интересно досега имаме реализирано обука за 1 060 учесници за основна обука, во фаза е вториот дел каде што планираме напредна и обука за администратори којашто по нашите планови планираме некаде до март-април да го завршиме и тој дел и тоа ќе овозможи и трен де трејнерс, луѓе номинирани од институциите коишто ќе можат да продолжат и понатаму со тренинг во своите институции. Планираме тој дел да го завршиме до април, додава Вејсели. Неодамна во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ беше отворена Лабораторија за кризен менаџмент, а МИА беше во посета на Лабораторијата и за нејзината работа разговараше со полковникот Методија Дојчиновски. Како резултат на соработката помеѓу ЦУК и МО учествувајќи во неколку проекти, вежбовни активности, симулирани вежби во сала се создала идејата за подобрување на пристапот кон разбирањето на кризите, инцидентите, катастрофите и несреќите низ потребата за подобрување на разбирањето преку користење софтверска алатка. Академијата во 2019 година добила сертификат за донација на опремата за лабораторија за кризен менаџмент лично од г. Џонатан Периш, помошник-генерален секретар на НАТО, додека во 2020 година средствата пристигнале во Академијата и тие се веќе поставени и во оперативна функција. Лабораторијата е промовирана кон крајот на ноември минатата година. - Академијата ги следи напорите на меѓународната заедница во однос на безбедноста и мирот на регионално и глобално рамниште и во соработка со Министерството за одбрана и Генералштабот ги усогласува своите наставни програми за школување кадри на Воената академија во согласност со стандардите на НАТО и во согласност со потребите на државните органи. На тој начин Академијата гради една регионална препознатливост со тоа што во моментов школуваме кадри за потребите на системите за безбедност на Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина е со цел подобрување на системот за управување со кризи, појаснува Дојчиновски. Напоменува дека во согласност со законот Академијата школува кадри за потребите на одбраната, кризниот менаџмент, заштитата и спасувањето. - Во минатиот период ни се овозможи шанса да формираме лабораторија за кризен менаџмент со тоа што започнавме со застапување еден интегрален пристап кон системот за управување со кризи со цел подобрување на можностите и капацитетите, истражувањата, искуствата и иновациите, размена на мислења и сето тоа поврзано со безбедноста, појаснува полковникот Дојчиновски. Академијата располага и со специјализирана студиска програма Кризен менаџмент, заштита и спасување, којашто е мултидисциплинарна и е наменета за школување кадри за потребите на системот за управување со кризи пред сè и поточно за школување кадри за потребите на ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување. Студиската програма е акредитирана до 2023 година и таа се однесува на школување кадри за прв и втор циклус студии. Во однос на предметите од програмата, вели дека таа започнува некаде со предмети во делот на оперативното планирање, продолжува со мерките за заштита и спасување и се движи во правец на истражувања од областите пожари, поплави, земјотреси, загадување на животната средина, геолошки хазард, се однесуваат на радиолошка, хемиска и биолошка сигурност, заштита и спасување животни и растенија, санација на терен и други предмети коишто во рамки на системот за управување со кризи овозможуваат успешна реализација на функционалните задачи и должности. Алатката НИКС во Лабораторијата за кризен менаџмент ќе биде користена исклучително за обуки, пред сè за реализација на курсеви од основно и напредно рамниште, настава, истражувања и научноистражувачка дејност. - Секако дека обуката ќе им овозможи на корисниците изработка на ефикасни анализи, извештаи, проценки, шерување документи, испраќање слики, видеоснимки, сето тоа во реално време, што овозможува донесување вистински одлуки со скратено интервентно време во однос на ангажирањето сили и средства. Со ова ќе се реализира и одлуката на Владата за дигитализација на системот за управување со кризи, секако дека ќе помогне во целиот процес да начинот на којшто ќе се школуваат кадрите ќе се оспособуваат, ќе даде придонес за да може што поголем број лица од институциите да бидат обучени, појаснува полковникот Дојчиновски. Целта на лабораторијата е да даде приоритетна обука на првите респондери, подобра координација, соработка меѓу институциите со што ќе се воспостават и ќе се идентификуваат вистинските мерки и активности, кои се однесуваат на превенцијата, раното предупредување и справувањето. - Секако дека ќе се избегне двојното или нерационалното ангажирање на силите и средствата со што пружањето помош на соодветната локација било да се работи за криза некоја катастрофа, инцидент, несреќа итн. ќе овозможи да се намалат или да се ублажат штетите коишто ќе настанат од самата непогода, појаснува тој. Во досегашниот период во однос на организирањето на НИКС-обуките заедно со ЦУК се оспособени околу 80 припадници на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија. Во наредниот период како домаќини оваа обука ќе се реализира со питомците на Воената академија, коишто како идни лидери во наредниот период и во нивното ангажирање во мултинационалните операции ќе можат оваа алатка успешно ја користат и да придонесуваат во реализација на мисиите коишто се поставени пред партнерите и НАТО.

За оваа година е планирана обука на лица коишто ќе учествуваат на повеќето вежби во текот на годината, посебно една од вежбите „Северна Македонија 2021“, којашто ќе се реализира во втората половина на 2021 година. Оваа година во земјава првата цивилна НАТО-вежба Во септември оваа година ќе се одржи првата цивилна вежба на НАТО-координативниот евроатлантски центар за одговор на катастрофи (Euro-Atlantic Disaster Response Coordination Centre). Вежбата првично требала да се одржи лани во септември, но терминот е поместен. Во неа ќе учествуваат сите земји членки, земји од програмата Партнерство за мир, од Медитеранскиот дијалог. Станува збор за некаде од 1 500 до 2 000 учесници и за прва ваква вежба во земјава од цивилен карактер. - Она што планираме и што е интересно е дека Главниот штаб дотогаш ќе работи комплетно дигитализирано. Значи, ова е еден процес каде што всушност со НИКС или преку НИКС го дигитализираме системот за управување со кризи во однос на командување, координација, соработка и комуникација и уште повеќе она што ние планираме е при финалната планирачка конференција, којашто е планирана во мај, третата декада од мај, планираме и тимовите коишто ќе пристигнат од НАТО да ги обучиме дел во мај и дел во септември пред самата вежба, така што планираме и НАТО-тимовите коишто ќе пристигнат во Република Северна Македонија да работат на истиот систем, да го употребуваат истиот систем, појаснува Вејсели. Нагласи дека тоа ќе значи дека ако досега пренесувањето информации одземало некаде час до час и половина, сега тоа ќе се прави за минута – минута и пол и тие што треба да донесат одлука точно ќе гледаат на мапа што се случува, каква е ситуацијата. - Имено, системот покрај слики, видео, овозможува и видеопренос. Значи, со еден обичен паметен телефон да може директно преку видеопренос да пренесе каква е ситуацијата на теренот, особено ако се работи за пожар да прикаже и што е зафатено, како е зафатено, директно, сè со цел за да се донесе брза и правовремена одлука, којашто спасува човечки животи. Тоа е целта. Значи, дигитализацијата и имплементацијата на НИКС има цел има нашите граѓани да бидат што побезбедни, службите да работат поефикасно и граѓаните да бидат побезбедни, вели Вејсели во разговор за МИА. Планирано е вежбата да се одржи во регионот на Струга и Охрид. Станува збор за теренска вежба. Сценариото е изработено и ќе бидат опфатени сите непогоди коишто може да се случат во регион - земјотрес, пожар, поплави, поплавување на крајбрежјето на Охридското Езеро, спасување на планина, спасување во река... Ќе има одредени, околу 12 означени локации, а подготвено е и видео, за промоција на сите сајтови, т. е. што можеме ние да пружиме за да може да привлечеме што поголем број тимови во тој дел. Северна Македонија е веќе членка на НАТО, а Вејсели потсетува дека главна цел е ЦУК да биде точката за контакт до механизмите при барање и праќање на помош од НАТО-центарот за помош за координација и помош при катастрофи. - Ќе ве потсетам само последната донација во висина од милион и пол евра беше реализирана комплетно преку Центарот, секако преку телата на системот за управување со кризи, а Центарот беше и тој којшто и технички ја спроведе. Зборуваме за 60 респиратори и медицинска опрема во вредност од 1,5 милион евра, додаде Вејсели. Освен стока, преку ЦУК стигнуваат и тимови од НАТО, кои земјата би ги побарала во случај на одредена катстрофа. - Значи, на тимовите да се згрижат, каде треба да бидат сместени и она што е најбитно нели зошто се дојдени, која им е задачата и се во координација со Главниот штаб, кај што Главниот штаб има точно задача што им ја дал и што она што е забрзано ако порано требаше да им се даде задача да отидат на самото место да ја завршат и да се вратат назад, тука се отвори и Центар за координација или онсајт координејшн центар – Центар за координација каде што тимовите добиваат задачи и се координираат меѓу себе и секако со Главниот штаб националниот да порано ако требаше да завршат одредена активност и да дојдат да реферираат, сега во случајот ние точно на карта гледаме што имаат завршено и може во меѓувреме да им се додели и друга задача што треба да се заврши, вели тој. Вежбата, освен како придонес за дигитализација, ја гледа и како одлична можност сите капацитети и ресурси коишто ги поседува Република Северна Македонија да бидат ставени во употреба, да се активира нивниот оперативен капацитет.

Вејсели додава дека ние мора да ги воспоставиме НАТО-стандардите во сите сфери, па така и во управувањето со кризи, а претстојната вежба ја гледа како голем можност за напредок во тој процес. Напролет се очекува воведувањето единствен повикувачки број за итни повици На промоцијата на Лабораторијата за кризен менаџмент, некаде кон крајот на ноември минатата година, повторно беше споменато дека во план е воведување единствен повикувачки број за итни повици 112. Стојанче Ангелов, директор на ЦУК, во разговор за МИА вели дека целта е граѓаните да се јавуваат на единствениот повикувачки број е 112 број за итни повици доколку имаат итна потреба, наместо на сегашните 292, 193, 194 или 195. - На овој начин ќе се врши централизирање на телефонските јавувања само на еден број и на тој начин ги следиме европските практики. Впрочем, овој број 112 е и услов за влез во ЕУ, но пред сè со него им помагаме на граѓаните коишто кога имаат одредена итна потреба може да дојде до забуна или да не им текне на кој број треба да се јават. Овој број моментално е во фаза на имплементација, но имаше одредени застои, коишто сега се отстранети, додава тој. Во овој момент ЦУК работи и на измени и дополнувања на постојниот Закон за управување со кризи, бидејќи европскиот 112 треба да биде имплементиран во постојниот закон со соодветна систематизација на работни места, со оглед на тоа дека станува збор за посебна служба којашто ќе биде дел од ЦУК. По законските измени ќе се објави повик за вработување лица - телефонски оператори, со коишто граѓаните ќе го имаат првиот контакт при итна потреба од брза помош, од полиција, при пријавување пожар или каква било друга потреба при јавување на одредени непогоди. - Наша цел како ЦУК е да направиме една квалитетна селекција и лицата коишто ќе се јавуваат на телефон, односно телефонските оператори да бидат луѓе коишто ќе исполнуваат одредени високи критериуми, односно луѓе коишто ќе знаат да работат под стрес и луѓе коишто ќе ги водат граѓаните во првиот момент во којшто обично граѓаните се под силен стрес, во афектна состојба, исплашени, вели Ангелов.

Роковите за воведување единствен број се веќе пробиени, но Ангелов се надева дека ова конечно ќе се реализира напролет. - Кризната состојба малку нè забавува бидејќи нашиот центар покрај работата на 112 во овој момент е силно ангажиран на справување со Ковид-кризата, појаснува Ангелов во разговор за МИА. Ана Цветковска Борис Куноски видео Аслан Вишко

Тагови

Остани поврзан